Connect with us

Останато

Велес Бајкинг го обележа Светскиот ден на велосипедот

Скромно, без никакви големи организирани возења, членовите и пријателите на Велес Бајкинг го обележа 03 јуни, Светскиот ден на велосипедот ( World Bicycle Day).

Согласно правилата за движење на велосипедите во услови на пандемија од вирусот КОВИД-19, направивме мини прошетка низ градот, поттикнувајќи ги граѓаните на Велес барем на неколку мигови да размислат за употребата на велосипедот како превозно средство. Во услови на светска пандемија, велосипедот нуди голема слобода на движење, велосипедистите го имаат минималното растојание кое е условено за нормално движење, и секако тоа е прилагодливо и ефикасно средство за превоз кое во иднина мора да биде дел од транспортните политики на Градските надлежни органи.

Откако поминавме низ главната улица на градот, се упативме кон Велешко езеро, борејќи се со огромниот број на автомобили кои изгледа не се свесни дека некој од нас велосипедистите е нивни близок пријател, роднина, комшија. Не, напротив, бевме поздравени со нивниот револт од сирени, чиниш патот е од нив направен.

За жал, иако декларативно сите се залагаат за масовна употреба на велосипед во било каква употреба, Велес и понатаму останува на дното на број на корисници на велосипеди по број на жители. До сега не видовме ниту една мерка која е во насока на подобрување на условите на велосипедистите, на поддршка на масовни велосипедски настани, на поставување на велосипедски станици. И понатаму ние велосипедистите остануваме на маргините на нормалното живеење, и понатаму „градските фаци“ се потсмеваат на ликовите кои возат велосипед со кацига и велосипедска опрема, и понатаму единствени „нормални“ услови за возење велосипед се некаде во дивината,  онаму каде нема луѓе…. Да се надеваме дека некогаш, во некое друго време, сето ова ќе се смени.

       

Инаку, Генералното собрание на ООН во април 2018 година, го прогласи 3 јуни за Светски ден на велосипедот. Целта е да се посвети внимание на велосипедите во стратегиите за развој и нивно вклучување во меѓународните, регионалните, националните и локалните развојни политики и програми.

#ВелесБајкинг

Copyright © 2021 VelesBiking