Патуваме низ Македонија: Низ Поречието со точак

Порече (ПоречиеПоречје) — етногеографска област во западниот дел на Македонија, долж течението и целата долина на реката Треска (Голема Река) од двете нејзини страни. Оттаму е и неговото име.

Порече името го добило по својата местоположба, бидејќи се простира по течението на реката Треска, или Голема Река како што ја викаат старите. Оттаму е изразот Порече, како дијалектна форма од Поречие…Вака некако би започнало опишувањето на овој дел од нашата преубава Македонија.

Пределот од сите страни е опколен со планини, на север со Сува Планина (1.964 м), на запад со планините Сува Гора (1.857 м), Челоица (2.061 м) и Песјак (1.917 м), на југ со Бушева Планина (1.788 м) на која се наоѓа превалецот Барбарас кој ги двои Поречието и Прилепското Поле, на исток е оградена со масивот на Мокра Планина (Солунска Глава) односно планините Даутица (2.178 м) и Караџица (2.473 м).

Пребогато со историја, со легенди со мистични настани, исто толку богато со прекрасни природни релјефи, со богата борова и дабова шума за кои ќе биде напишано по некој убав збор подоцна.

Да се помине два дена низ целото Поречие е сосема кратко време, но за жал немаме викенди од 4-5 дена. Тргнувањето од Велес е многу рано, треба да се вози добри 140км, или три часа возење преку Плетвар, Прилеп и Прилепско, преку Ропотово, се до Барбарос (800мнв), превој кој ја означува границата помеѓу Прилепско поле и Поречието. Од тука веќе се чувствува во воздухот набојот на повисок адреналин, исчекување да се види и најмалиот детал од сите населени места, од сите камчиња поставени од памтивек.. Пристигнуваме во Суводол, и тука вртиме десно и навлегуваме во Поречка територија. Поминуваме покрај најголемиот Балкански пештерски отвор, Пешна но сега нема да ја коментираме, планот е следниот ден да ја посетиме. Истото важи и за с.Девич, Долни и горни Манастирец….Пристигнуваме пред с.Белица во одличен апартман со сосема добри услови (после некој нека каже дека сме немале услови за рурален туризам). За жал, поради настаната ситуација, мотелчето не работеше, па баравме алтернативни начини за да преспиеме. Инаку, по наши информации, мотелчето има пристојни цени за престој, прекрасен поглед кон реката Белешница која извира на само 10-на км од над селото Белица, во подножјето на Даутица. Чувството како да сте во некоја приказна, мир, хармонијата која овде ја има во изобилие, остриот, свеж и 100% чист воздух и мелодиите и црцорењето на разно-разни птици се комплетира со целосна слика од која не сакате да се оттргнете ама баш никогаш.

        

Причината за која бевме дојдени сепак, беше да го извртиме овој дел со точак. Уште утрото тргнавме кон Самоков по пристоен асфалтен пат. Пред Самоков некаде на 12,6 км од почетокот, вртиме лево  и влегуваме во „наша територија“ – земјен пат. Правец кон с.Рамне. Искачуваме од 605мнв на 976мнв во должина од точно 5км. Малку не уплашија најавите за стрмен пат, но и не беше така страшно. Во Рамне мала пауза, одмарање очи со поглед кон Мокра планина. Даутица (2167мнв) не следи во секој поглед, тука е и нејзиниот сосед, врвот Бел Камен 2074мнв. Започнува дискусијата која ке не следи скоро цел ден – кој врв каде е , каде е убавицата Солунска Глава, дали се гледа, како е распространета Караџица и сл…Вечна тема како на планинарите, така и на нас планинските велосипедисти ( да не речам туркачите) е кој врв каде е , колку е висок, па кој знае повеќе, кој не знае ќе научи…  и така минува денот. Угорниците се многу полесни кога ке си најдеш добра тема, а подобра од оваа – немало нити ќе има на вакви места. Екипата продолжува, од Рамне се упатуваме кон с.Брест оддалечено на 7,1км од Рамне и се на приближно иста надморска висина (Брест е на 985мнв). Во овие 7км искачуваме највисока точка од 1.065мнв и спуштаме неколку пати, така да, воопшто не ни е досадно.

       

С.Брест, типично планинско село, веднаш над него е издигнат врвот Фојник (1432мнв) кој патем е наш денешен таргет и наша денешна највисока точка каде ќе поминеме. Селото името најверојатно го добила по Брестовата шума која е во околината на селото, во негова околина има неколку цркви, од која „Св. Талалеј” е главна селска црква, а Црквата „Св. Преображение” е сместена на самиот врв Фојник. Од интересни податоци да споменеме дека тука е роден во 1950 година Ратомир Грозданоски, Македонски теолог, професор и протоѓакон и професор на професор и декан на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје.

           

И да, најголемиот дел од одморот во Брест го поминавме во локалната „библиотека“ каде прочитавме по неколку „приказни од Крали Марко – стаклена корица од пакување од 0,5л“ зачинети со малку чипс и кикиритки. Чисто колку да го покачиме адреналинот, не оти ни е на минимум, ама така бил и адетот на велосипедистите. Е после одморот иде она вистинското „машко“ туркање. Човече па 32,4% искачување не е шала, и буткањето е тешко на моменти. Добро не за сите, единствен кој тукуречи без проблеми го извози и ова е братот по точак од Ресен, кој патем има прекар „Туркач“.. Кој му дал ваков прекар, да му ги врати парите за прекарот……На крај, и тој стаса до врвот, и ние останатите кои криенката туркавме, а во друштво, ги киневме мускулите, мислиш последна ќе ни биде турава. Маката како почна така и заврши, некој порано, некој подоцна ама на Фојник (1432мнв) – стасавме. И вредеше. Вреди за сите капки пот. После 30,2км какво-такво возење, вреди толку многу што пцуеш една минута, за да потоа насмевката ти се разлева по цело лице и расположението се превртува за 180 степени- на позитива, секако (ова е лично од еден кој беше таму горе со нас, моравме прво да бегаме од него, за да потоа не бара да се сликаме.. )  Да, треба да се сликаме. А пејсажи, кај сакаш. Доле Козјак, милина, сина боја, мислиш морето е пред тебе. Малку десно е Јасен, над него Караџица, сега веке убаво се гледа и врвот Караџица (2473мнв), па уште десно Перчулица (2103мнв) и позади неа Марина рупа (2382мнв), Солунска Глава не ја видовме, можеби и не се гледа, можеби не знаеме кај гледаме, кој тоа ќе го знае….. Милина, не ти се оди никаде, ова е врвот на задоволството денес.

 

           

И сега треба да се пуштаме надоле, се до Требовље на 33,2 км од почетоот на нашето возење, или на 3км од Фојник. И да, и Требовље како и останативе села се на висина од 977мнв, што е за 10-на метри повеке и ли помалку од претходниве две. Интересно. И да, од Требовље до мостот Близанско има некаде 14,0-14,1 км и тоа спуст. Спустиште, со големо С. Покрај тебе провалија, здивот да ти смрзне, пред тебе езерото Козјак, патот широк, со песок, со доста камења, со многу, премногу кривини, некои и за 180 степени. Ама, спуст е …. палиш точакот и .. леташ удоле ( кој колку има останато од тоа адреналинот толку ќе лета надоле). Два-три пати пауза, чисто да одмориш раце, и да направиш уште некоја слика, оти нели, 2384 до сега слики не се доволно, нели!!!

           

Уште два три збора за Козјак. Најголемото вештачко езерото во Македонија е долго 32 км, некаде е длабоко и 130 м, а максималното растојание од едниот до другиот брег изнесува 400 м. Езерото е создадено во 2004 г., кога започнала со работа хидроцентралата „Козјак“, со капацитет од 150 гигават-часови просечно годишно производство на електрична енергија. Целиот акумулациски систем бил проектиран од кинески инженери. Езерото се полни во најголем дел од Треска, која пак ги прибира сите водни текови ов овој крај.

   

Од Близанско со Белица можеби е најдосадниот пат од 18,9км асфалт. Мислиш вечност. Среќа што немаше ветер во гради, инаку ќе останевме таму со денови…. По вкупно 8:50 часа патешествие, пристигнавме на почетокот, во нашиот привремен дом за овој викенд. тука завршува официјалниот дел од денот, а за неофицијалниот нема да се раскажува, оти за него мора само да бидеш присутен на лице место.

Вториот ден ни беше предвиден за чисто легачење, иако првично требаше да возиме некој дел до с.Црешнево, па горна Белица…. Решивме да одмараме. Да медитираме покрај Беличка река. Пола од денот помина, се разделуваме, секој по својот пат онаму од каде што дошол. Нашата трочлена банда имавме две работи за овој ден: посета на Поречкиот манастир „Раѓање на Пресвета Богородица“ и посета на пештерата Пешна. И толку. Саат-два….Аха. Како па да не. Да имаше уште еден ден, ќе беше таман.

Прва посета на Поречкиот манастир. Уште на првата кривина ми стана јасно. Или ќе направиме некоја беља на колата (кривиниве по 360 степени беа), или ќе го памтиме по убаво денов за цел живот. Да, дефинитивно беше ова второто. На висина од над 800мнв, манастирот надвиснат над с.Манастирец, од високо, духовниот дворец на Поречието е нешто кое барем еднаш во животот МОРА да го посетите. Поседува импозантна историја која едноставно не можеме да ја опфатиме во целина, но да забележиме барем неколку реда:

            

Манастирот е изграден некаде на почетокот на XII-от век , запален од турците, а повторно изграден во 1846 година. Манастирот бил значаен духовен и книжевен црковен центар во минатото. бегајќи од безбожничкиот режим на Совет­ска Русија, во 1917 година нашле прибежиште 20 руски монаси. Последниот од нив бил Јеромонах Инокентиј кој се упокоил во 1949 година. Посебна приказна е Црковната Трпезарија која лично морате да ја видите и да го осетите духот на Христијанството.

Настојател на манастирот е монахот Бенедикт Божиноски кој имавме среќа лично да го запознаеме.

Втор наш таргет беше пештерата Пешна. Лесно се пронаоѓа, видливи знаци, туристички табли. добро е тоа, некој се погрижил да има добра туристичка понуда, што е за секоја пофалба. Само така. Пристојни бекатон патеки од двете страни, информативни табли  на секој чекор, чисто, без ѓубре (зачудувачки е тоа што скоро и да не видов диви депонии во овој регион, што е за големо поздравување). По само 10 минути одење, пред вас се отвора огромен црн отвор. Нема збор, само погледот шара таму-ваму….

          

Инаку, Пешна не е длабока пештера , но импозантен е отворот- висината на отворот изнесува 40 метри, а широчината 56 метри. Должината на пештерата е 124 метри. За убавината на пештерата зборува тоа што „Њујорк тајмс“ ја споредил со „Helms Deep“ од „Господарот на прстените“. На влезот на пештерата постои средновековна тврдина. Остатоците од тврдината се поврзуваат со месноста „Девини кули“ за која легендата вели дека Крале Марко, кој имал 4 сестри, на две од нив им изградил живеалишта во овој предел. Уште во 14-от век, во самата пештера изградил дом за својата постара сестра Пешта. Додека на помалата Дева и изградил живеалиште спроти пештерата, оддалечено неколку стотини метри на запад. Од нејзиниот дом сеуште има остатоци на врвот од ридот ( за жал оваа тврдина сеуште е недостапна за случајните минувачи како нас и останува да се срушува од забот на времето). Денес, според нивните имиња се сегашните топоними на селата Девич и Пешна. Да скратам, не ја мислете, седнете, направете план за патување и – одете, без можност за откажување….

За крај, да напоменеме дека оваа дводневна тура беше во чест на велосипедската тура #ВелоЧЕНизПореЧЕ која минатата година го имаше својот прв настап, а оваа година требаше да биде втор по ред. По неофицијалните разговори со наши пријатели – бајкери, организатори на вело настани, несомнено #ВелоЧЕНизПореЧЕ лани беше откритие на годината, во поглед на тежина на патека, откриени интересни места и должина на патека… Затоа уште сега, земете го до вас календарот на велосипедски настани 2020 и за следна година уште сега заокружете го овој настан. Нема да зажалите, никако….

Велосипедски поздрав!!

Авторот

#ВелесБајкинг

Check Also

Патуваме низ Македонија: Магичната Лешница на Шар Планина

Долго планираната велосипедска тура низ Шара конечено се реализира. Ја извртевеме Лешница од сите страни, …