Последен сончев викенд за оваа 2015 година.По идеја на Боби Касандар од ВЕЛОЕВРОПА заедно со Тео, ја направивме турата по централно источна Македонија во регионот на Градско-Неготино, на релација Велес-Градско-Уланци-Убого-Ногаевци-Кочилари-Долно Караслари-Велес во должина од 65,4 км.Овој предел е речиси без шума, па така ние си ја нарековме „Македонската Степа“.Како наш добар пријател не придружуваше и Војводата Марио Шаревски, големиот љубител и познавач на Македонија.
Стартот од Велес, малку ладно, температура од 4,5 степени.Се до излезот од клисурата, до влезот пред Ногаевци, по асфалтниот пат кон Градско, патот беше подмрзнат и влажен.Првата пауза во Градско ја искористивме за топло чај и по една кифла.Поминувајќи го с. Уланци, одевме по земјени калливи патишта, покрај веќе насадените житни Македонски полиња.Се спуштивме до течението на реката Брегалница и неколку километри ги поминавме во песочната делта на реката.На 1 км од стадата пред село Убого моравме да пешачиме затоа што Боби утврди дека патот кој порано водел директно до бачилата е „изоран“. (подоцна се утврди дека констатацијата е точна). Како и да е , на влезот од бачилата не пречекаа „чуварите“ – големите шарпланинци кои ни еден миг не не испуштија од вид.Среќа, домаќините беа со нас…Веднаш по бачилото ја преминавме Брегалница и – еве не во напуштеното село Убого, каде го посетивме разрушениот манастир, кој по мое видување би требало да е Св. Василиј….Претпоставка е дека манастирот е граден негде пред 250-300 години, нема покрив, но изненадувачки фреските се одлично зачувани.Марио се обврза да напише нешто повеќе за ова во Википедија.Инаку селото е одамна напуштено, има неколку стари куќи изградени од глинени цигли и една од понова градба, по претпоставка дека е градено пред неколку десетици години и и служела за преноќиште на овчарите.
По ова, се упативме кон Ногаевци, поминувајќи низ убава борова шума.На влезот од селото, мала незгода- дупната гума и свиткан бандаж.На излез од Ногаевци се упативме кон мостот да го сликаме споменикот на едно минато време- Комунизмот, кој стои на влезот од мостот од десната страна, и укажува на времето кога е правен мостот.Имавме идеи кој споменик да се постави и од левата страна, но тоа ќе го прескокнеме.До долно Караслари возевме преку Кочилари по десната страна на Вардар, по еден широк земјен пат уживајќи во Сонцето, како да е мај месец.
Се на се,крајот на оваа велосипедска година го заокружвме како предвесник на очекувањата за 2016 година во која оваа екипа ќе помине многу села и места во нашата ни мила Македонија.
Велес Бајкинг декември 2015 година