Ви ја преставауваме книгата – патепис „Мојата прва експедиција” од Слободан Трајковски – организатор и водач на експедицијата кој оваа година има мал јубилеј, пет години од првото огранизирано патување на најголемиот  велосипедски настан на планетата, идеја и реализација на  авторот на патеписот.

 

После половина година откако се вративме од Италија и Франција некако се натерав да пишувам за деновите поминати таму на отворено. За да почнам да пишувам ми требаше мотивација и конечно ја најдов. Секогаш е подобро да помине едно временско растојание за да се прочистат настаните. Сега ќе ми текне само на работите што навистина вределе да се спомнат. Многу од нив и се заборавиле.

И пак пребројувам колку денови беа. Вкупно (ги сметам и деновите поминати во автобус) 23 дена, од кои: 2 дена во автобус навака-натака, два дена кај Гари во Милано и уште 20 дена (19 ноќи) на пат. Дваесет дена во кои го живееш животот онака како што отсекогаш си сакал. Го живееш сонот. Како да го опишам тоа, а луѓето да ме сфатат? Не зборувам за тоа дека сум бил во Италија или Франција. Во најубавите предели во тие земји. Настарана тоа. Зборувам за тоа дека си таму, но и го правиш она што најмногу сакаш да го правиш. Го правиш тоа што целиот живот си го сакал. И пак, не е само тоа дека вртам педали, туку дека патувам.Каква моќ има движењето? Не знам дали сте осетиле на вас лично, но врз мене има голема моќ. Отсекогаш сум сакал да патувам. Како мал татко ми ми ги купувапше најголемите атласи и јас не ги вадев од рака. Моите родители дури и се плашеа да не затупам. Но, јас на тој начин патував. Како што денеска правам со google.earth. Тоа е тоа. Ако не можеш да патуваш со движење, ќе патуваш статично, со слики. Е сега, кога во патувањето ќе вклучиш и разговор со локални жители, па разгледување на градови, мориња, реки, езера, проблем да најдеш место за кампинг, каде ли ќе се преспие, што ли ќе јадеме. Сето тоа го прави патувањето единствено искуство.

Од каде идејата да возам низ Европа? Прво сакав се возам низ Баварија или Ломбардија. Нели станав наставник па ќе имам многу слободно време во лето, па ќе можам да одам каде сакам. Сакав да одам и до Барселона да посетам некои пријатели кои ги запознав во 2009. Првично турата требаше да трае 30 дена и да одам сам. Но, ме разубедија дека толку долга тура ќе повлече и повеќе пари, а патувањето сам…тоа и не ми е некој проблем. Но кога би избирал дали да одам сам или со Јово (на пример), со две раце ќе гласам за Јово. Потоа на оваа идеја се приклучи и Марко. Ова е веќе ноември 2010. Па се договаравме со Марко, вака ќе биде-така ќе биде. Потоа на Гоце му падна една идеја да оди до Италија со точак, ама да тргне од Русиново и да се најдеме во Милано. Цела прва половина од 2011 ја посветив на турата. Така што зимата возевме постојано. Па нели работев две-три работи за да соберам пари. Па имав слободен ден еднаш неделно или еднаш на две недели. Ама секако тој ден го користев за возење. Си правев и нешто како тренинзи. Пример, ќе возам 100 км дента од кои пола ќе бидат рамен дел, четвртина угорница и остатокот спуст. Не застанав. Работев на тоа.

ВЕЧЕРАТА

Потребна е и координација. На пример, јас и Јово толку се воигравме што повеќе не треба да разговараме за време на возењето, а се разбиравме. Јово секогаш влече напред, а јас позади мислам што е следно, или обратно. Постојано се надополнуваме. Подготовките продолжија и после 15 јуни кога станав целосно слободен. Кога реков слободен мислев СЛОБОДЕН. 24 часа на ден можам да правам што сакам. И одма, палење точакот и отидов во Пиринска Македонија. Од дома до Роженскиот манастир да се поклонам на гробот на Јане Сандански. Три дена сам, милина. Постојано возев. Поискусните ми велеа дека треба да се подготвам и психички. Тоа и го правев. Пуштам Ајрон Мејдн и возам.

ЛАМБЕРТАТА НА ПАПА ПЈЕТРО

И полека, полека, дојде време за тргнување. Требаше да одиме на 15ти јули (петок) ама од агенцијата ми јавија дека немале автобус на тој ден па тргнавме следниот ден. Се товаривме наавтобус со Јово и за 20тина часа не истоварија во Милано. Некаде покрај автопат на некоја бензиска пумпа. Местото се викаше Лаинате. Го сликавме знакот да не заборавиме како се вика. Одма се ориентираме. Ги гледаме Алпите на север, значи на југ е градот. Јас со мојот слаб италијански се обидувам да се разберам со некои емигранти со уште послаб италијански. Се разбравме. И тргнавме. Прв град беше Ро. Прашуваме по луѓето: Dove e il centro della cita? И сите ми покажуваат накај центарот. Нормално. Ама испадна дека сите ми покажувале кон центарот на Ро, а не Милано. И вака-така стигнавме.

НА ВЛЕЗОТ ВО МИЛАНО

Влеговме во Милано. Навистина голем град. Асфалт-железо-цемент? Градот на модата? Јово постојано се дереше: Модаааааа. Кај си бе Модаааа? А од мода абер да се немало. Потоа ми рекоа, не гледај и не слушај што кажуваат на телевизија. Беда се и тие, ама ајде. Се сретнавме и со еден Македонец. Ха, ама се израдува. Си возиме со Јово накај центарот и од другата страна некој се дере. Машко и женско беа. Не им посветивме многу внимание. Не знаевме што вика. Кога по неколку метри не стигна некој. Задишан како да не бркал. Ние па загреани, башка и касневме, брзо сме возеле и одвај успеал да не стигне. Малку муабет со него. Невестата Италијанка беше. Рече убаво му било. И продолживме накај центарот. Се чекавме пред Дуомото во 8 часот сабајлето. Марко и Гоце може се веќе таму? Ние врти-врти, не можеме да ја најдеме црквата. Кога по некое време случајно се погодивме таму. И еве ти го Марко ни приоѓа. Кај сте бе до сега, ни вика. Абе автобусот каснеше и одвај се снајдовме. Голем град, му враќаме. После и Гоце ете ти го. И така почна се. Со еден збор. Ни вика: Дека сте бе до са’? Балосахте се? Гоце бе, кој ти е тој збор? И цела тура му викавме: балтисахте се. Тој па се лутеше дека не сме го изговарала правилно зборот. Народ полно пред Дуомото. Туристи од секаде. Јапонците само сликаат. И ние сторивме по некое кадро. Убава тоа црквата. Голема. Фасадата разиграна.

СРЕДБАТА ПРЕД ДУОМО

Почна да врне. Се скривме под едно забаталено, покриено терасиче. Се договаравме што е следно. А следно е да отидеме до Аграте Брианца, во близина на Монца, кај Гари дома. Не очекуваат. Му пишав дека доаѓаме. Тргнавме по едно уличе и видовме знак Монца. Терај право. Возевме по булевар Буенос Аирес. Стигнавме во Монца па од тука одиме во Аграте на адреса виа Данте 50. Имаше карта на автобуската во Аграте па така ја најдовме куќата. Не пречекаа како свои луѓе. Со Гари се немавме видено од 2004. Тогаш последен пат беше во Македонија и гостин во мојата куќа. Контактиравме по смс, меил и преку фејсбук. Сродна душа. И тој професор по историја. Секоја тема ни е заедничка. Инаку експерт за ран среден век. А мене омилен период. Тој зборува, јас слушам. Секогаш е така. Како да голтнал енциклопедија. Низ дворот сеуште имаше ѓубре од забавата од претходната вечер која беше организирана во наша чест. Но бидејќи, нели, не тргнавме во петок туку во сабота, ја пропуштивме.

РАСПАКУВАЊЕ

Гари рече дека била супер журка. Имало многу народ, пријатели, роднини, сите биле таму освен оние за кого беше организирана журката-НИЕ. Се опуштивме одма. Седнавме на тераса. Вода, кафе, сок, кој што сака. Почна да врне посилно. Па престана. Јадевме малку па тргнавме на прошетка низ Монца и Аграте. Абе каква Монца, носи не одма на автодромот. Па така прво бевме до село Колнаго да ја видиме фабриката за велосипеди, па во село Бураго кај количките. Недела беше, не работеа. И за крај паркот Монца и автодромот во него. Море едно одењеее. Баеги далеку беше. И на крај стигнавме. Се обидовме да влеземе на автодромот зошто жицата секаде беше искината, ама не успеавме. Од страна гледавме. Но сепак бевме на прочуената стара кривина Параболика. Беше толку стрмна што не можевме да стигнеме до највисоката точка. Фантастично. Сега Параболика е забранета. Кругот е скратен. И почна силно да врне, а колата беше многу далеку. Утоп не направи. И така се вративме во Аграте. Дома. Нема каде да се оди. Многу врне. Туш, вечера и кревет. И седнавме ќе вечераме. Прво ни принесоа паста. Ама некако малку ни се виде. Па Гари принесе и малку леб, за со пастата. И тоа го изедовме. Многу се најадовме од тестенините зошто мислевме дека тоа ќе биде тоа. Море кога почнаа да носат други јадења. Ама се беше така добро подготвено и сервирано. Некои меса, ќофтиња вакви, лепчиња такви, па сирења, па вина. А ние тупан од лебот и пастата. Ама јади, утре може ќе нема. Се беше многу вкусно. Никогаш нема да ја заборавиме мама Лидија, мајката на Гари. Прекрасни луѓе. Таткото на Гари па велосипедист. Гари не можеше да разбере зошто толку се палиме на Тур де Франс. Па тие секоја година го гледале Џирото во Милано. Нивната куќа ја посетувале и поранешни победници на Џиро д’Италија. Таму се се врти околу велосипедизмот. Во минатото дури и повеќе. Сега други спортови го заземале тој примат. Се најадовме и одма во кревет. Утре не чека пат.