Во организација на ЗГ „Велес Бајкинг“-Велес, а во соработка со Општина Велес, се организираше велосипедска тура наречена „По патеките на Велешките Илинденци 1903-2016“. Вкупната должина на оваа патека беше 118 км, а се возеше во два дена.
Стартот на турата беше пред општинската зграда во Велес, ден недела, 31.07.2016 година. Некаде во 09:00 часот четворочлената екипа тргна кон Крушево. Планот беше првиот ден да стигнеме до манастирскиот комплекс „Св.Преображение“ во с. Зрзе, таму да преспиеме и следниот ден да стасаме во Крушево, некаде во попладневните часеви. Веднаш на стартот, жешкото сонце ни попречуваше да одиме по предвидениот план. Паузите веднаш на старт беа чести. Прва поголема пауза во село Теово, под огромниот јавор кој е едно од најстарите дрвја во Р.Македонија. Ладовината ни одговара, овде сме 40-на минути.
Полека тргаме кон Богомила, за половина час сме таму. Пауза кај легендарното место „Борис Трајковски“, на по едно пиво ( непишано правило е да поминеш низ Богомила и да застанеш кај Борче во коперација). Иако, имавме резервен план, доколку сонцето нема да ни дозволи да продолжиме , сепак, некаде во 16:00 тргнуваме кон Прилепскиот пат. Тежок е овој пат, посебно на +40 степени. Ако нормално возење за оваа делница е неполн час, нас ни требаа вкупно два часа до последниот маркиран знак кој ја означува најзападната точка од „АЗОТ мтб предизвик“.
По ова следи спуст кој убаво ни дојде за одмор во движење. За неполни 20-на минути го поминуваме с. Стровија, навлегуваме во Прилепското поле. Го поминуваме и с.Црнилиште, и доаѓаме до планираното на 3,5 км до Зрзе. Сепак, во разговор со мештаните ( а и претходно од пријатели ни беше укажано) го променивме планот поради информацијата дека манастирскиот комплекс „Св.Преображение“ ги затвора портите во 18:00 часот. Малку збунувачки, ретко кој Христијански манастир ги затвара портите за случајни минувачи. Како и да е, тргнуваме кон с.Ропотово со договор да преспиеме во првата ливада која ќе не бендиса. Малку по малку, сепак стигнуваме во с. Ропотово, наоѓаме едно напуштено училиште и ги поставуваме шаторите.
Следниот ден тргнуваме пред 07 часот. Претходно, појадуваме во блиската продавница, заедно со неколку мештани кои од раните утрински часеви не расположија со неколку нивни „ финти“. Продолжуваме кон Кривогаштани преку неколку Прилепски села. За 1 час сме во Општина Кривогаштани, регион со најмногу штркови во Републиката.Пауза и припреми за последната препрека кон Мечкин камен- искачувањето на 1470мнв по жешкото сонце. Утринското кафе е испиено, тргаме кон славното Крушево. Планината Бушава не очекува. До градот моравме да правиме неколку паузи, асфалтот пеколен, Сонцето убива.Некаде пред 12:00 стасуваме во Крушево. Сликање, и повторно тргаме. Не влегуваме во градот, тоа ке го правиме попладне. Се упатуваме кон Мечкин камен, уште 4,5 км угорница.Пак неколку паузи, немаме проблем со времето, затоа повеќе паузираме. Пред Мечкин камен, преубава глетка на слетиштето на параглајдерите, кои ги имаше стотина. Невероватна глетка, преубава Македонија….
Стасуваме на целта. Кампирањето започнува. Наоколу последни припреми за обележувањето на големиот празник Илинден. Утре ке има многу посетители, државници, странци…да им оддадеме пошит кон големите херои кои го дале животот за оваа наша денешна слобода. Природата на Мечкин камен-фантастична, овде не се разговара, се препушташ на тишината и ги полниш батериите….Вечерта се симнуваме во градот кој воовој период е преполн со домашни и странски туристи. Ех, камо да е вака цела сезона, Крушево да врие од луѓе.За жал, оваа глетка трае само 15-на дена, пред и по Илинден.По ова, градот полека тоне во мир и тишина во недостиг од луѓе. Повтнаорно се враќаме на Мечкин камен, некаде во 22:00 часот. Вечераме во потполен мрак кој го нарушува единстевно ламбичките од велосипедите. Со нас е и една „пријателска“ лисица која со часови се вртеше околу нас и неколку пати ни пријде на чекор-два од нас, најверојатно да ни посака добредојде на нејзина територија.
Следниот ден е голениот празник, денот на двата големи Илиндена, 1903-та и 1945-та. И двата досотјни за голема почит на секој оној кој се чуствува Македонец, лојален нашата држава.Ние ги собираме шаторите и се вклопуваме во поголемата бројка на посетители кои доаѓаат од сите краеви на Македонија, а и пошироко. Некаде на пладне, мал дожд не освежува и не потсетува дека Св. Илија Громовник е господар на овој ден ( не памтам кога не врнело на овој празник). Церемонијата завршува, се пуштаме кон Крушево, таму преполно туристи, кои за жал полека се спремаат за заминување. Се спремаме и ние, крајот на турата ни е во одлнио дел на градот, каде не пречекуваат автобусите од Велес. Ги товараме точаците и заминуваме за Велес. Турата ни беше успешна, без никакви повреди, се според планот од Велес…Следната година побројни повторно да ја извозиме патеката која Велешките Илинденци ја минувале за да дадат голем придонес во Организацијата на Илинденското востание ( од тројцата Офицерчето ја правел скицата за Церешовото топче и го креирал планот за напад на градот, Алабакот бил првиот кој ја нападнал Турската касарна, а Андреј Докурчев бил во четата на Питу Гули.
Да се знае дека Велешани имаат значаен дел во Крушевската Република!!!!
Честит Илинден, за многу години големиот празник на сите Македонци, каде и да се !!!