Истибања тоур 2021

Истибања тоур 2021

#ПатувамеНизМакедонија #СоТочакНизМакедонија

Во период кога есента полека преминува во зимо, кога температурите знаат да паднат и под нулата, велосипедските тури можат да бидат и тоа како убави, живописни. Само е потребно добра идеја. Потребно е 1-2ца со „малку памет“ и секако спремен точак (под спремен се подразбира да не му се дупнати гумите уште на старт  и да има малку од малку подмачкан ланец)

Нас секако не ни недостасува ништо од она погоре наведеното. Нас ни недостасува време да ги реализираме сите идеи.

А идејата за возење токму на оваа релација е едноставна. Хенрик има уште малку време во Македонија а има уште неколку делници кои треба да ги помине. За кога ќе отиде во Словачка да каже дека е единствениот Словак кој ја има прошетано Македонија повеќе од 95% Македонци. И тоа на точак!

Но да почнеме. Малку географија, да научиме нешто за местото. Истибања е мало место во источна Македонија. Се наоѓа во Виничко-Кочанската Котлина, недалеку од Истибањската Клисура, на регионалниот пат Кочани – Делчево. Сместено е помеѓу коритото на реката Брегалница, на 7 километри североисточно од Виница и 10,5 километри источно од Кочани. Се смета за рамничарска населба, на надморска височина од 380 метри. Познато е по термалните води кои извираат во близина, како и по многуте лековити билки во околината

Според легендата, селото Истибања го добило своето име по еден Турчин од Бугарија, кој бил дојден на неколку дена во селото и бил пречекан многу добро од селаните. Тој ги прашувал сите како се вика селото, а сите одговориле со различни имиња. Кога тој прашал по што е познато селото и што е убаво таму, сите рекле дека тоа се двете бањи. Така тој ги нарекол бањите „истибања“ (еднакви) и тоа станало име на селото. ( извор – википедија.мк)

Е па како и секој старт, така и овде во Истибања, додека го спремаш точакот, идат „дежурните пазачи на местот’. Се поздравуваат, здраво, како си..  Од каде си? – Од таму и таму, одговараме…. Аха, е па таму имав другар служеше војска таа и таа година.. А ти од кај си?… – Од Словачка… Ааааа, да, во Словачка работев 70-те во една фабрика….. итд,итд… на муабетот никако да му ставиме точка.

Тргнуваме, од главниот пат одма десно по калдрмата. Патот, аслфат. Стар, но зачуван, се гледа дека локалното население го користи за секојдневни потреби. Изминуваме неколку километри и влегуваме во првото поголемо село – Јакимово. Ваму беше патот, таму беше, мислиш во Брисел стасавме. Три пати го промашивме. Нејсе, се снајдовме некако, и правец кон Калиманци, кон Бигла. Тоа се се населени места кои скоро и да немаат жители. А порано, на времето кога овој пат бил единствена релација Штип-Делчево и граница со Бугарија селата биле полни, народ насекаде, нивите обработливи… Сега за жал, само некоја викендица од каде има чад од запален огин. Жално но реално.

Асфалтот во овој дел – перфектен. Во најголемиот дел нашиот тип на велосишедисти го избегнуваат асфалтот, но ваков тип – мал, тесен, со 0% автомобили – секој би посакал. Мир, тишина, само ти и точакот. Молчите, вртите и си зборувате сами со себе. Кој си се фали, кој се кара сам со себе, кој крои планови за во иднина. Секој со својата мака.

Некаде на 785мнв е преслапот од каде се пружа одлична глетка кој Осоговските планини. Застануваме и тука започнува вечната дебата на секој велосипедист, на секој планинар. Тоа таму е Пониква… Не, не Пониква е подоле, знам јас, бев лани летото. А тоа таму е Царев врв ( тука се согласивме сите). И така на муабетот му нема крај. Тргнуваме удоле. Одеднаш пред нас асфалтот го снемува и иде тампониран пат или по нашки off road. Убавини. Спустот за сите маки кои ги имавме по нагорнината.

По некаде 3 часа возење пристигнуваме во Македонска Каменица. Наградата од ова возење е една локална меана со понудата која ни ја приреди сопственикот. Од селско мезе, до кисела туршија, правена по традиционални македонски рецепти. Да ти дојде ќеиф пак да дојдеш.

Од тука е делот кој за жал мора да се помине за да се вратиме на почетна точка. Делот кој мора да го возиме со многу сообраќај, тесен пат и многу, многу непрегледност. Сигурно има пат преку планината кој води до Истибања, но ова е период каде нема можност за многу непредвидени комбинации, затоа мора да се привикнеме на ситуацијата и да стасаме до крајот.

Некаде по 4,5 часа завршуваме со возење. Вкупно 60-на км со под 1000м елевација за овие есенско-зимски периоди е одлична велосипедска тура. И да, основната поента е завршена. Запознавме дел од Македонија кој никогаш до сега не сме го посетиле. Запознавме дел од Македонија каде реално никогаш не би оделе, освен нели, ако немаш точак и добро друштво. И да имаш покрај тебе еден Словак кој сака да ја помине цела Македонија. И тоа на Точак.

Возете точак. Одете на места во Македониај каде не сте биле никогаш. Ќе се изненадите. И тоа позитивно. Има каде да се оди во ова наша убава Македонија.

И да. Возете точак.

#ПатувамеНизМакедонија #СоТочакНизМакедонија