Во срцето на Македонија АЗОТ 2018 мтб Предизвик 4-то издание

   Изминатиов викенд во Богомила и целиот регион на АЗОТ имавме можност повторно да го вратиме сјајот на Богомила и регионот, во позитивна смисла секако. Изминатиов викенд Богомила беше центарот на сите велосипедисти во Македонија. Три дена забава, дружење, нови пријателства и секако возење по најубавите планински предели во Македонија, за некои тешка, за некои лесна, за сите незаборавна.

   

Иако припремите за овој настан траеа повеќе од 6 месеци, три дена ни требаа да покажеме што всушност сме направиле. Па да, направивме многу. Можеби подобро е да оставиме другите да кажат, но гледајќи веќе како ретроспектива, едноставно мораме и ние да си кажеме: ДА, го остваривме замисленото, ги пречекавме сите учесници, се потрудивме да им биде пријатно во Богомила овој викенд, и ги испративме како добри домаќини.

Но по ред. Иако има премногу да се пишува, да се слика, да се монтираат видео снимките од камери, дроновите и сите можни технички помагала. Ние овде ке оставиме пишан запис, мислите во своите мемории да им ги пренесеме на оние кои не беа со нас овој викенд, на оние кои од разни причини не можеа да дојдат.

Првиот ден-петок. Припреми. Веќе има 10-на гости. И ние како домаќини, секако. Си ги поставуваме работите по некој редослед. Шанк, бина- монтажна онака како што прилега на амбиентот, со две тракторски приколки. Вечерта секој со свој план и агенда, некои одмараат за напорните два дена, некои веќе се потрошија толку многу што би сакале да скокнат месец – два од времево.

Сабота. Втор ден. Утро. Сончево и весело уште на почеток. Цела Македонија, посебно централниот и источниот дел врне. Во Богомила не, тука имаме договорено до недела до 17:00 нема да заврне. За атер на гостите и на организаторите. Пристигна и Словачкиот Амбасадор во Р.Македонија, големиот пријател на Велес Бајкинг, г-н Хенрик Маркуш. Голем пријател и вистински бајкер. И зачудувачка физика спремност. Секоја чест за него. Го испративме со наши двајца членови да ја извозат малата патека, која нималку не е мала  (елевација 1100мм мала??   🙂   ) …. Во 13:00 имаме закажано лесна тура до с.Бистрица со посета на етно селото и манастирот св.Петар и Павле. Тргнаа 30-на. Ние останатите продолжваме со припреми. Веќе хартијата и теоријата за организација не важи. Се си заборавил, што требаше, каде требаше, кога во колку, со кого… Се… Она што ти останало во главата, во мемориите, тоа важи. Кога сме веќе кај Бистрица, мештаните од овој регион Бистрица ја нарекуваат мала Софија, а Богомила мали Београд…Зошто, како, сами одредете..

    

       

Полека се полни кампот. Некаде 60-70 пристигнати, Доаѓаат уште. Од секаде. Скопје, Охрид, Кавадарци, Штип, Кочани, Пробиштип, Струмица, Прилеп, Тетово, Битола… Некои со возење. Од Скопје и Прилеп. Да поминеш 100-км само за да бидеш дел од #АЗОТ2018мтбПредизвик е доволно лудо и големо задоволство како за тие што возеле, така и за нас, како организатори. Даме и Сандра од Скопје, Дуле и екипата од Прилеп. И браќата Божиновски од МТБ Драчево кои поминаа 260 км во двата дена на релација Драчево-Богомила-Драчево

Велосипедистите од Бистрица се пристигнати веќе, полни со импресии. Преполни. Домаќинот од манастирот не пречека со сите нишани. Догодина дефитивно оваа тура ќе ја промовираме во редовна. Во кампот веќе нема место за автомобили, се е полно. Некаде приближно има 150-180 пристигнато. 18:00 е предвидено да се гледа ракометот. Се е спремно иако на отворено светлината не дава да се направи добар амбиент. Штета што наш Вардар не успеа во својата мисија, ќе беше подобро да го гледаме финалето после турата. Потоа иде и финалето на лигата на шампиони. Оние кои се загреани за тоа, веќе го окупираа просторот и столчињата, ресторано преполн.

   

   

И да , мора да споменеме. Некаде на паузата, официјално отварање на 4-от по ред Outdoor Festival АЗОТ 2018 мтб предизвик, со една песна од Паркети. Името на песната не е баш прилагодлива за пишување, ама сите ја знаеме и си ја пеевме…

Во меѓувреме, еден необичен и несекојдневен настан. Заменик амбасадорот на Р. Украина, инаку голем и искрен пријател на нас бајкерите од цела Македонија (не веруваме дека има поискрена и покомплетна личност од него) нашиот другар Ростислав Палагусунец и неговите пријатели Сандра и Александар, ни организираа прекрасна Украинска вечер, со Украинска чорба. Името на чорбата е во тајност ( не е тајна туку не го знаеме). Чорбата прекрасна, а тоа вотката со луто пиперче внатре уште поубава. Секоја чест за Рости, секоја година ни приредува некоја вкусна гозба.

Ние подоле се припремаме за најлудата журка во Богомила..По 3 часа – да, 100% беше најлудата. Таква енергија немам доживеано долго време, такви весели лица одамна немало во толку мало растојание. Едностано и убаво. И моќно, онака рокерски, за душа за сите нас таму присутни. Браво за сите, и за мајсториштата од EPIDEMY. Цареви!!

    

Трет ден. Недела. Галвниот ден. Утрото во 07:00 веќе сме собрани сите на кафе муабет да ги повториме секој своите задолженија. Иако рано, некој од нас веќе во 06:00 станати рано и на работна акција за чистење на кампот. Преку 20 вреќи беа собрани и ставени таму каде им е местото. Така и треба. Стартот во 09:00 со мали задоцнувања, го означи Градоначалникот на Општина Чашка, г-н Горан Стојановски како најкомпетентен за овој регион. 09:45 тргна и малата тура, а некаде час претходно Планинските тркачи тргнаа кон Мокрени. Планинарите кон Капиноски карпи. Со среќа на сите. Последна објава од Организаторот за внимателно возење, безбедноста е на прво место.

                     

Откако заминаа сите , остана дел од оргнизаторите ( оние кои беа задолжени за координација). Проблеми. дел од екипата вози надвор од патеката. Јавување, постојана комуникација со сите таму. Среќа наша што 99% од тие таму се во екстра физичка спремност и знаат да се ориентираат на отворено. Благодарност за смиреноста и стрпливоста до сите таму кои беа. На крај, овие настани се незаборавни баш за вакви несекојдневни моменти. Дефинитиво овие 20-на бајкеришта ќе ги памтат дополнителните 10-на км (гратис од нас ). Оние кои отидоа „малата“ тура веке се на пл.дом Чеплес. Тоа е поентата, да се отиде на Чеплес со велосипед. Тоа е она што некои не можат да го разберат. И не мора, има некои работи кои колку и да трубиш, едноставно не влегува во главата на другите…сите на плажа, таму некаде доле на југот.. а ти на Чеплес. И тоа со точак. ЕЈ!!  и тоа на 1450мнв.. По Чеплес – спуст. Заврши угорнината, доаѓа удолнината. И тоа можеби изгледа дека иде лесниот дел, но не е така. Доаѓа оној дел кога во возењето велосипед треба да проработи психата. На 2км подоле е прекрасниот Чеплески водопад. Преубав, природен, онаков како што го дала мајка природа. И таму пауза, уживање… И таму многу позитивна енергија, толку многу што  допира до Даутица…До Богомила..Од водопадот подоле е и Папрадиште. И таму пауза, сликање…Убавини на секој чекор. Се до Богомила. Големата тура продолжува до Прилепски пат, а малата полека се прибира до Богомила. Следува заслуженото гравче, кое за  жал на 10-на учесници остана непробано. Проблемот, едноставен. Поради обврски на екипата на АРМ мораше да замине и оставивме 20-на чинии, но нашата проценка беше погрешна. Извинување до сите оние кои не го пробаа гравчето. По ручекот, малку забава со доделување на благодарници, и на крај мала лотарија која сепак, беше симболична, пред се наменета да ги задржи сите присутни барем уште неколку часа.

По завршувањето на сите активности, некаде во 18:00 започна нашата последна работна акција за оваа година. Средување то на кампот мора да се заврши, и наша обврска е да го оставиме дворот онака како што го добивме. Сето тоа се среди некаде после 20:00 и по заслуженото пиво, си тргнавме кон Велес. Некаде пред мракот и официјално го затворивме 4-от по ред Оутдоор Фестивал „АЗОТ 2018 мтб Предизвик“.

Сите убави приказни имаат свој крај. Ние иако уморни, сакавме барем ушт еден ден да продолжи оваа приказна. И да си ги држиме мемориите за наредниве 365 дена. А верувам дека со истите мисли се и сите учесници кои беа со нас овој викенд. А ги имаше преку 300. Офицјално, некаде 230 со уредна регистрација, со сите претходни обврски како што налагаат вакви организирани настани. Нормално, како и секаде имало и ќе има и „диви“ учесници, но тоа не е проблем. Секој е добредојден.

Ред е и да споменеме дека во склоп на овој велосипедски настан во рамките на проектот Кампања за создавање на позитивни животни практики,здрави навики и вредности!“ чиј носител е Здружението на граѓани Велес Бајкинг. Целта на овој проект е подигање на свеста и создавање на здрави навики и вредности кај децата Вкупно 30-на дечиња, имаа ретка можност да возат во природа, баш онака како што тоа го правеа и учесниците на овој велосипедски настан. Патеката за нив беше повеке од симболична, некаде во должина од 12 км. Дечињата беа преполни со импресии, радосни и презадоволни од тоа што се дел од овој голем настан. А учесници дечиња, млади имаше многу и тоа искрено не радува. Најмладиот учесник беше Максим Нешкоски кој веруваме дека ке бие верен наследник на татко му Нешко, додека највозрасен ( иако е пример и идол на сите нас) беше DJ Славе кој на свои 62 години не пропушта ниту еден ваков настан. Пример кој едноставно треба да струи насекаде!!

     

Останува да ги споменеме сите учесници кои пристигнаа во форма на здруженија, клубови или сл. Секако дека сите поединци не би можеле но ова нека биде групно благодарам за сите нив. Благодарност до мештаните на с.Богомила кои не „трпеа“ како овие денови така и изминативе неколку месеци, Општина Чашка за несебичната и отворена поддршка и соработка, фирмите АВТ и Натурел, МИН-ЕКС и нашиот Бране, Златен Даб – Мирола Велес, Алкалоид, Алгасан, Симит Петрол, спортските продавници Треска Спорт, Пробајк, Бајк Центар и Модус Бајк, екипите на ЕБР и Црвен Крст, Брза помош Велес и мобилната екипа на Македонски шуми, МВР на РМ, пл. дом Чеплес, мотел Зидан мост и уште многу други кои беа активно вклучени во овој настан. Ни беше голема чест да ги собереме овде во Богомила најголемио број на членови на здруженија – љубители на планинскиот велосипедизам, тука со нас беа и се дружеа два дена екипие на Тиквешки Точакџии, Неозбилни Велосипедисти, сд Клисура од Демир Капија, зск Југоисток-Струмица, ЗЉРАРД-Прилеп, ФАК-Прилеп, Вело Че-Прилеп, ВК Актив-Струмица, Прилеп на точак, МТБ Драчево, BikeCrewMacedonia, Bike Macedonia, Matrix23, МТБ Берово, Враголани-Скопје, планинарскиот водич Антонио, фотографот Никола, дечките со дроновите, Горан и неговата екипа, сите останати поединци.

Сакам да ги споменеме и многу драгите пријатели од „TREX“-Игор и неговата дружина која во два дена тивко и нечујно направија, по нас барем, голем подвиг и голем предизвик. Првиод ден, со старт од Ореше трчаа до Солунска Глава и се до Нежилово, што е огромен подвиг и вториот ден направија интересна патека до с. Мокрени и назад. Браво за нив!!

И на крај, секако нашите главни дечки од Велес Бајкинг: Зоран, Никола, Диме, Дејан и Даме, Ангел, Александар, Дарко, Рокерот, Сашко, Аце и Тоше, Драган, Докторот, Вероника, Заге, девојките од Скопје Биби и Натка.. може некој ке забораиме, но тоа нема да биде намерно.Нескромно – сите бевме посветени на овој настан, и сите заедно успеавме до крај да го спроведеме претходно замисленото. Браво за сите!

    

Од толку мисли , ова ке му дојде во кратки црти. Битно е дека се се заврши како што посакувавме и дека сме сигурни дека догодина ке биде уте подобро. А не е лошо уште сега да си испланирате.

СЕ ГЛЕДАМЕ ВО МАЈ 2019 ГОДИНА НА 5-то ЈУБИЛЕЈНО ИЗДАНИЕ НА АЗОТ 2018 МТБ ПРЕДИЗВИК!

 

4224total visits,2visits today

You may also like...