VI-та снежна Новогодишна тура до Рудник

VI-ти пат традиционално, возевме точак до с.Рудник. Дополнително, снегот оваа година ни направи дополнително уживање.

       

Интересни податоци за село Рудник

На просторот наречен „Ќучук кол“, што во превод од турски на македонски јазик значи, црница или црна земја, се наоѓаат селата на север и североисток од Велес. Најсеверни села на „Ќучук кол“ се Рудник и Иванковци. Тие во воздушна линија се оддалечени само 16 км од Велес, но сепак климата е многу различна. Имено, Велес се наоѓа на надморска висина од 160 метри додека двете села се наоѓаат на 500 метри. Иста надморска висина имаат и селата Ветерско и Карабуниште. Низ селото сега тече Рудничка река додека порано се споменува дека течел потокот Бучало, кој знаел да надојде и се да поплави, па затоа го нарекле Рудничка река.

Селото го добило името по рудникот Сребреник, каде многу одамна се вадело сребро. Исто така во него порано имало 12 цркви од кои сега се сочувани само пет или барем им се знаат темелите бидејќи селото било два пати палено во почетокот на 20 век.

Во шумскиот појас над ова денес велешко село порано постоел голем шумски појас од јасен, габер и даб. Сепак куќите во селото биле градени од „керпич“ или земја и камен. Земјата служела место малтер. Преградните ѕидови ги правеле од „плитар“ кој се викал и болме. Во овие краишта се произведувал и анасон со врвен квалитет, кој според некој записи е редовно извезуван во Марсељ ,Франција. Слава што ја славело селото од памтивека била Свети Никола, а по доаѓањето на србите во 1912 година повеќе фамилии го земале за свој празник Свети Арангел.

Денес во селото живеат мал број фамилии точен број на постојани жители нема, но по претпоставка е дека се  70-10 жители претежно пензионери. Едно семејство од нив се занимава со овчарство ( овчарските кучиња „топло“ не поздравија), а мал дел се возобоновени викенд куќи кое се полнат само за викендите.

       

 

Од наш бајкерски поглед 

Како и минатите години, така и оваа, 6-та по ред, традиционално организиравме бајкерска тура до с.Рудник. Минатите две години времето беше на наша страна ( не дека оваа не беше), некаде во позитива  и на 10-на степени. Оваа година временската прогноза беше во поголем минус, со снег и баш ова беше причината за помалиот број на пријавени учесници.

Како и секоја година, така и оваа, стартот е од младинскиот парк во Велес. До Велешко езеро патот беше сув, а од таму започна снежното возење. Се до с.Рудник бевме придружувани со наши членови со автомобил, кои од оправдани причини не беа во можност да дојдат со точак. Патот генерално беше со 20-30 см снег, добро прооден и изгазен од теренските возила на ловџиите кои ги имаше во голем број овој пат.

           

По 90-на минути возење, пристигнавме во с.Рудник, ја отворивме селската црква „Св.Никола“ (и по многу посети на селото, немам точно потврдена информација за кој светец е подигната оваа црква, иако по распоредот на иконите во неа логично е да го има името св.Никола). И повторно како и секоја година, уредивме мини софра, а секако и го поделивме бадниковото лепче кој го обезбеди минатогодишнот кум Диме Андоновски. Иако не беше присутен, Бране побара да се дели лепче и за него, и паричето отиде- баш во неговиот дел. Значи, кумството во 2020 година му го препуштаме во негова организација.

По полчасовната дружба, тргнуваме кон вториот дел на оваа тура – с.Лугунци, а преку него до Велешко езеро и назад во Велес. Среќа на селската чешма имавме средба со локалното население кое не предупреди да не одиме кон Лугунци поради метарските наноси на снег или како што ни рекоа „ ќе заглавите и ќе си поседите еден месец таму“. По нивна сугестија решивме да не ризикуваме (правилна одлука), па се вративме по истиот пат преку кој дојдовме. До месноста „Пуста Кула “ се возеше некако, но надоле се до Велешко Езеро повеќе се лизгавме отколку што возевме, или поискрено напишано имаше „падни-стани“ во неколку верзии. Сепак, по успешното симнување си се самонаградивме со топло чајче, со рум се разбира, во ресторанот „Бела Вода“ на Велешко езеро.

   

Некаде во 16:30 часот пристигнавме во Велес, односно по 5,5 часови, 330 минути или 19.800 секунди снежно патешествие ја отворивме бајкерската 2019 година, година во која очекуваме многу заеднички тури, настани, евенти, а секако во исчекување сме и на нашиот 5-ти Outdoor Festival „АЗОТ 2019 Мтб Предизвик“ кој како и секоја година ќе се одржи некаде крајот на месец мај. Дотогаш ви ги честитаме Божиќните празници – Христос се роди, За многу години БОЖИЌ ..

                

 

1204total visits,1visits today

You may also like...