Велосипедската тура „Питијада 2017“ го имаше својот 4-ти настап пред Македонската велосипедска публика

Изминатиот викенд во Велес, во рамките на фестивалот на пити и вино „Питијада 2017“, се одржа и велосипедски настан  на кој учествуваа преку 250 учесници од цела Македонија.

       

И оваа година како и изминатите  три се помина во најдобар ред. Организаторите од ЗГ Велес Бајкинг- Велес се погрижија сите, буквално сите кои утрото дојдоа во Велес да се чуствуваат релаксирано, и да го поминат денот во прекрасно дружење и возење по интересната патека по Велешката околија.

            

Иако преходнот ден не најавуваше добра временска прогноза, сепак, небото се отвори и сите нас кои половина од денот гледаме нагоре не послужи како на тацна со прекрасно сончево есенско време. Дворот во Велешката Гимназија Кочо Рацин ( која патем е најстарата гимназија во Македонија) за час се  наполни со велосипеди. Некој се средува, некој се пријавува, поголемиот дел се среќава и поздравува со своите пријатели од другите градови. Рековме, тука сме за дружење, забава…. Пред стартот успешен ден ни посака и Градоначалникот на Велес. Тргнуваме во 10:20 мин, малку подоцна од предвиденото, но никој нема замерка на тоа. Предвидената патека од 35,4 км ветува многу за оние кои прв пат ја возат, а оние пак “редовните“ ќе си ги повторат позитивните емоции. Првиот дел од патеката се вози од левата страна на Вардар по земјен пат опкружен со лозови насади, а над него е надвиснат познатиот Велешки рид „Гроот“. Првата пауза е во манастирот Св.Петка, а потоа доаѓа главната атракција  – возење велосипед по висечки мост на реката Вардар. Адреналин на метар , колку сакаш…Следна дестинација е село Сопот, а потоа посета на винарија „Шато Сопот“ која не удостои со мала прошетка по винаријата, и пак, времето ни обезбеди прекрасни моменти за одмор во ресторанот на винаријата, а богами и за овековечување со преубави фотографии.

       

Следна дестинација беше обиколка на Велешкото езеро, а пред крај класичниот off road спуст и возење покрај реката Вардар ( скоро сите тури се карактеризираат со посета на некој планински врв, е па сега малку обратно, возиме покрај Вардар ) а пред крај задолжителна пауза во Башино село и празнење на селската коперација со течности од Скопска или Прилепска пивара ( задолжителна сцена во секоја тура).

    

Крајот на турата , некаде по 14:30 часот е онаму каде што почнавме – во дворот на Гимназијата. Преполно, сите со свои приказни, раскажување кој и колку пати дупнал гума, кој и како се сликал, кој и како „за малку“ ке паднел. Задолжително следи дегустација на Велешката Пита Пастрмајлија со малку црвено вино (виното беше незадолжително, ама скоро сите го пробаа). Оние кои беа прв пат, веруваме дека ке бидат тука и на следната 5-та Питијада… оние кои доаѓаат редовно знаеме дека ке дојдат. Некаде по 16:00 останаа само организаторите и започна акција на средување на просторот. Како си пристигнал, така треба да оставиш, се чисто и средено.

       

За крај да напишеме дека околу 250 учесници беа присутно за оваа 4-та велосипедска тура. Буквално од цела Македонија. Организираните екипи и здруженија од Прилеп, Кавадарци, Струмица, Демир Капија, Драчево (морам нив посебно да ги нагласам) се редовни и се побројни, за прв пат оваа година и Штипјани, Кочанчани и Битолчани дојдоа „групно“. Учесниците од Скопје ни се како домаќини, а поединечно имавме гости и од Охрид, Св. Николе, Куманово, Неготино, Виница. Останува уште да ги убедиме Велешани да се охрабрат и да излезат да возат….

До наредна средба уживајте во убавините на Македонија и возете точак!!

 

   

 

2623total visits,4visits today

You may also like...