Велосипедска Романтика по петти пат низ АЗОТ

Преку 500 учесници, велосипедисти, планинари, случајни минувачи, туристи, пријатели и вљубеници на настани на отворено, роднини на жителите на Богомила и околните места беа сведоци на најубавиот и најдобро организиран настан што воопшто се одржил некогаш во овој регион.

           

Многу е тешко да се пишува за себе. И незгодно. Некој ќе рече самопофалување, само бендусивање, егоизам. Но, не е баш така. Ако некој нешто вложил во себе, во други, и во околината во која дејствува, а истите тие околности позитивно ја прифаќаа таа позитивна енергија, тогаш одговорот е едноставен – ДА, ЗАСЛУЖИВМЕ, направивме настан кој ке се памети, кој ке стои во мемориите на сите оние кои беа изминатиот викенд во Богомила и сите оние кои барем на момент го осетија оној позитивен набој кој тлееше таму. Да, #АЗОТ2019мтбПредизвик ја испиша најубавата романтична приказна од Теово па се до Солунска глава.

Но, да започнеме. Настанот беше најавен како дводневен, но поради празникот на нашите просветители Св.Кирил и Методиј, дел од учесниците (40-на најмалку ) веќе во петок попладне беа на своите позиции. Организаторот, исто така спремен, бината монтирана, шанкот спремен, знамињата на своите места. Се беше спремно… но за да не изгледа се така убаво се погрижи времето. Ех, тоа време, најголемиот дел од припремите покрај на терен за маркација на патеката го потрошивме на гледање на временските прогнози- какво ќе биде, ќе врне, нема да врне, ќе има кал, нема да има… Петокот вечерта едноставно кажано – истури како од кофа. Тоа е знак за нервоза. Немир. Несоница. А врнеше цела ноќ.

        

Утро. Сабота наутро. Велат Сонцето е извор на сите убави работи, на добро расположение и двигател на целиот жив свет. Да, во право се, Сонцето го облеа кампот во Богомила и сите проблеми си отидоа некаде кон Мокра планина, таму позади нас. Со Сонцето доаѓаат и убавите работи, а најубавоте во тој момент беше пристигнувањето на гостите- учесниците. Некаде во 10:00 часот пристигна големиот пријател на Велес Бајкинг и воопшто големиот љубител на планинскиот велосипедизам и природата – г-н Хенрик Маркуш, амбасадор на Р.Словачка Во Македонија. Поради пренатрупани обврски тој мораше своето присуство да го потврди само во сабота, а при тоа изрази желба да извози некоја тура. И тоа не некоја туку релација Богомила-г.Јаболчиште-Лисиче-Чашка-Богомила. Со него беше и Андреј, инаку член на Друштвото на Неозбилни Велосипедисти – Скопје, Одлична авантура, доста ризична, но сепак честитки до двајцата.

Во меѓувреме ние во кампот ги превземаме последните поголеми обврски кои ни престојат. А гостите пристигнуваат. Се повеќе. Веќе до пладне преку 100. Голем дел од нив спремни за првата организирана тура на #АЗОТ2019мтбПредизвик  – рекреативно возење до с.Бистрица. Минатата година тој дел беше вистински предизвик за сите учесници, а оваа година заедно со г-н Ниче Македон се погриживме тој добар впечаток да биде уште поимпресивен. Така и беше. Истата релација до с.Бистрица каде повторно не пречека нашиот супер домаќин Ниче со мини предавање од разни области, со превкусна супа од домашни плодови, природаи зеленило во огромни количини. На враќање посета на етно музејот во Бистрица. И таму имаше што да се  види, научи. Впрочем овие настани не ги правиме само за да возиме од точка А до точка Б, овие настани ги правиме за промоција на целиот регион, промоција на сите оние убавини кои за жал ги криеме. А имаме толку многу што да покажеме. И да раскажеме. На пример, да раскажеме дека АЗОТ-от не е само дел каде има ресторан со добра риба, место каде тече реката Бабуна.. и .. толку. На пример за АЗОТ има толку многу што да се кажува и раскажува. Еве на пример многу краток дел:

Областа АЗОТ е сместена по течението на реката Бабуна. Потеклото на овој регион е од неколку преданија. Едно од нив е од Арапскиот збор ХАС или ХАСОТ кој значи тешкопристапен предел. Во XVIII век овој регион бил многу населен се до 20-те години ов минатиот век, кога започнува нагло празнење и иселување. Според некои податоци, од 6000 жители во 1948 бројот е намален на 1252 во 2002 година.

Историјата на АЗОТ датира уште од античко време. Оваа област била граница помеѓу Пајонските племиња и древно Македонските племиња. Се верува дека сегашниот пат за Прилепско ( по кој е и предвидената патека за велосипедскиот настан) е направена од Цар Самоил и му служела како таен пат за напад на непријателските војски кон Прилепско и Пелагонија воопшто. Со доаѓањето на Христијанството, во X век се појавило и Богомилството, на чие чело застанал ПОП БОГОМИЛ. Најверојатно селото Богомила го добила името по него. Регионот на АЗОТ е место кое изобилува со голем број на цркви, манастири, историски податоци и друго. Во центарот на АЗОТ, во селото Богомила се наоѓа спомен куќата на Петар Поп Арсов, еден од основоположниците на Македонската Револуционерна Организација. Исто така  селото Богомила се  гордее со РИМСКИОТ МОСТ, еден од ретките  во Македонија кој е изграден во Римскиот период и сеуште ја чува својата автентичност и убавина. Впрочем мостот е и симбол на селото, нешто по што се препознава низ цела Македонија и пошироко. Низ селото тече и реката Бабуна, една од најубавите  планински реки во Македонија,во чии води живее речната пастрмка. Богомила има 2 цркви: Свети Атанасиј и Свети Илија. Главна селска црква е првата, која што била изградена во времето „кога биле прадедовците“ на денешните селани. На еден дел таа е вкопана во земјата. За црквата Свети Илија која што е помала не се знае кога е изградена. Во понатамошниот дел претходно го споменавме Богомила како центар на настанот и неговите  каактеристики, а понатаму редоследно ке ги споменеме интересните културно-историски податоци низ кои поминува патеката на АЗОТ МТБ предизвик.

Во селото Црешнево постои селска Црква „Св. Петка“ – Црешнево, која  по својот изглед и не е толку карактеристична, но кога ке  влезете  внатре ке  пронајдете единствена и необична икона која датира од XVIII век. Иконата има необичен цртеж кои опишуваат детали од верски митови и верувања пишани во стариот завет ( светец проголтан од риба). Од културните знаменитости вредно е да се спомене црквата Свети Петар и Павле во селото Папрадиште, изградена пред 120-на години, градена од  еден од најголемите неимари Андреа Дамјанов. Папрадиште е познато и по производстовто на квалитетен компир. Инаку, Папрадиште,заедно со Ореше се единствените Мијачки села во оваа област и се формирани од Мијаци од селата Тресонче, Лазарополе, Гари и Галичник. Селото Папрадиште важи за едно од најубавите  села во Македонија.

Има уште многу да се пишува за АЗОТ-от. Има и кој да раскажува. И не ги барајте убавините на животот во некакви швајцарии, германии и белосвестски дестинации. Само завртете глава и ке ги најдете тука околу вас. Само добро отворете очи, се е тука покрај вас.

Да се вратиме во кампот во Богомила. Таму веќе почнува забавниот дел. Првиот дел е за најмладите. А нив ги забавува, едуцира, тренира и ги учи на сите можни велосипедски вештини една од најпозитивните личности кои ги имам сретнато во мојот живот, Никола Нешкоски-Нешо творецот на @ВелоУчилишта, проект кој толку многу му е потребен на ова наше напатено општество, проект кој конечно децата ги учи на она што треба. Неколку часа Нешо и дечињата уживаа во детската игра преку разни велосипедски вештини и други детски игри. Браво за сите нив. Нас како организатори ни направија посебна чест и задоволство.

            

Денот полека поминува, бројот на посетители постојано се зголемува, Паркинг просторот веќе е преполн. Дечките задолжени за забавниот дел полека ги штимаат гитарите, ќе биде вечер добра забава, се насетува од далеку. Скарите одамна се спремни, ручекот е готов, за некои и вечерата е завршена, се е спремно за почеток на лудата рок забава. Epidemy се наши стални гости-музичари, од првата година прават добри свирки, оние кои беа минатата година уште се сеќаваат на лудата забава. Се е спремно и вечерва да биде така. И многу повеќе. Знам дека ќе  биде така. Имаме и специјално изненадување, кој знае – знае..  Некаде 21:30 започнува журката. Полека, се загреваме ( беше најавена DJ натпревар од велосипедистите, но никој не изрази желба за свој DJ сет). Некадево 23:00 на сцена се појави НЕНАД – Nesho (Avtorizacija) кој неодамна имаше промоција на неговиот прв соло албум „БАЛКАНИЗАМ“. Инаку Нешо е наше дете, Рапер, Велешанец, Бајкер, член на Велес Бајкинг. Ние како Велешани се гордееме со него, тој е класичен пример за скромно момче во животот, а многу агресивен на сцена, баш онака како што треба. Две нумери му беа потребни само да ги освои симпатиите на сите присутни. По него професионалците од Epidemy си ја превземаа работата во свои раце и – направија тотална луда журка за која не верувам дека некогаш ке се повтори. Не само во Богомила, пошироко и подлабоко. Можеби им го пореметивме мирниот сон на Богомилчани( име се извинуваме ако тоа навистина било така), но мислма дека за ваков настан треба да се прескокнат неколку часови од сонот….Се што е убаво кратко трае, така и нашата забава. Полноќ е, како што е потребно добра забава, потребен е и добар мир за добар сон. Утре треба да се вози. Далеку е Чеплес, викаше еден пријател од Драчево на еден од минатите настани. За 10-на минути сите по своите шатори, дел во домот, и 40-на по издадените куќи во селото. За кратко кампот потона во мир. Одморот е добредојден. Утре треба да се вози, да се планинари, секој со својата обврска….

                  

Трет ден #АЗОТ2019мтбПредизвик. Оној главниот ден. Ќе се вози. Сонцето повторно не поздрави некаде рано изутрина. 05:30 часот.Ние како организатори, веќе будни, го чистиме кампот. Не дека имаше многу ѓубре, но сепак, Чистотата е прво и последно правило кое мора да се почитува на овие настани на отворено. Ние сме вљубеници на природата, сакаме да ја конзумираме во неограничени колични, ама мораме и да ги почитуваме и правилата на природата. А тие правила се едноставни. ДА ЈА ЧУВАМЕ ПРИРОДАТА.

                

Сеуште е рано, некаде 08:00 а веќе почнува големата гужва. Коли насекаде, се проверува ланецот, касетите, дали е подмачкан велосипедот, планинарите полека се собираат на своето опредеделено место. Поздравување, средби, сеќавања од минатото, мемории… се е тука, се е собрано во кампот во Богомила. Многумина од нас да не беше велосипедот никогаш немаше да се запознаеме. А после толку години, сега имаме многу драги личности за кои сметаме дека сме браќа- по точаци. И сме. Затоа што тука политиката има забрана за пристап, затоа што тука верските определби се топат во една вера – љубовта кон природата. Кој не верува во напишаното, нека дојде следен пат.

Стартот некаде во 09:30 часот. Тргнуваат најхрабрите и најспремните, оние на големата патека. Се вози 53, км патеката е една од најтешките на сите организирани настани во Македонија. По нив тргнува најголемата група, онаа која ке оди „само“ до Чеплес ( само до Чеплес, чиниш искачувањето до 1410мнв е толку лесно).На крај, тргнаа и планинарите а веднаш по нив и оние кои сакаа да го обележат настанот само до Нежилово, чисто како во стилот „важно е да се учествува“. И нека, сите се дојдени за уживање, кој како ќе си го постави денот за таа намена. Битно сите да бидат среќни и задоволни.

       

Некаде во 12:00 во планинарскиот дом Чеплес пристигнаа првите учесници. Таму ги чекаше нашиот член Никола кој оваа година беше задолжен за прекрасното планинско чајче кое ги освежи сите учесници. Е сега некои велат дека за нив немало, можеби е така, но тоа е поради фактот што чајот бил толку вкусен што сигурно некој повеќекратно го дегустирал. Како и да е, секогаш е така, некој 5-6 пати, некој ни еднаш. Нема место за лутење затоа овие настани на отворено се по таков принцип.

По Чеплес, доаѓа оној највозбудливиот дел – урнебесниот, но истовремено и најопасниот дел на патеката. Ама една од работите за кои одиме по овие настани е поентата да ни проработи и адреналинот, ако сакаме мирен тек на животот ќе си седиме по кафичите по градовите и ке трачариме и ке оговараме. Нејсе, и покрај тоа што некои од учесниците ги наговарале велосипедистите да не одат по тој дел и да се враќаат назад ( кај некои успеале, среќа некои адреналинот им проработел па тргнале по своето). А патеката- бајка!!!! кој не ја возел – да му е криво. Посебно делот пред Папрадиште. Тоа може само да се доживее.

Доле во кампот мирно и тивко, се до 14:00..  Полека се полни, велосипедистите се враќаат назад, полни со импресии. Планинарите се враќаат некаде во 15:00 часот. 16:30 часот започнува лотаријата, некој вид наградна игра која не е тој стил, туку е смислена првично за забава и да ги анимира сите оние кои остануваат во кампот, по дегустацијата на вкусното Армиско гравче. Кампот почнува да се празни, сите активности се завршени, Полека се поздравуваме со сите наши гости, со сите наши браќа по точак, со план за скоро видување. А агендата е преполна, затоа и календарот за велосипедски настани го направивме, за да си знаеме каде ќе ја планираме следната средба. Средби очигледно ќе има годинава, и не само оваа. Догодина, па следната, па наредната. Додека не држат нозете.

               

На крај, спокојно може да кажеме дека НАСТАНОТ ЗАВРШИ ПОВЕЌЕ ОД УСПЕШНО. Сите они напори, вложувања, одење по теренот, молење по спонзори, пишувања барања, состаноци, средби и што уште ли не, тука го дадоа својот резулат. А тој резултат е ЧИСТА ДЕСЕТКА!! Па сега да не бидеме нескромни, ама браво за ВЕЛЕС БАЈКИНГ, браво за сите оние кои дадоа свој придонес во сиот овој циркуз, браво и за оние кои правеа опструкции, спрепки и разно-разни детали за кои нема место овде, ама браво затоа што и тој дел покажа дека и покрај се #АЗОТ2019мтбПредизвик е настан за кој вреди да го оставиш телото, душата срцето.. Вреди.

Тука би требало да ги споменеме сите оние надвор од Велес Бајкинг кои искрено и посветено дадоа дел од себе, сите оние кои ние си ги сметаме како „наши“. А ги имаше. Сепак, има луѓе кои имаат големо срце и кои помагаат без да бараат нипто за возврат. Ќе се препознаат сите тие во овие две три реченици. А ние како ВЕЛЕС БАЈКИНГ искрено им благодариме затоа.

И да, имаше и неубави работи. Ама тие ќе ги фрлиме во ѓубре, па после во контејнер. Нели се залагаме за чиста средина, па не сакаме гадните зборови, лошите мисли и злобните луѓе да надвладеат на овој преубав настан. Затоа-во контејнер. А ние ке продолжиме и понатаму со нашата позитивна енергија, со плановите за следната година. А веќе во октомври е 6-тата мтб тура „Питијада 2019“, па најверојатно – се  гледаме таму. До скоро видување, паметете го #АЗОТ2019мтбПредизвик како симпатична Велосипедска Романтика, паметете ја Богомила, Црешнево, Папрадиште, Чеплес..сите оние водопади, оној поглед од милион долари кон убавицата Солунска глава, паметете ги само убавите моменти, тие ни го продолжуваат животот, злобните лица не заслужуваат место.

До следно видување ПОЗДРАВ ОД БОГОМИЛА!

ЗГ ВЕЛЕС БАЈКИНГ – ВЕЛЕС

                               

п.с. Некаде пред крајот ни пристигаа Лазе и Ростислав кои поминаа преку 100км off road по една ултра тешка патека, некаде од Ново село, преку Крапа, Зрзе, па се до Богомила. Тоа богами е на границата на невозможното.Честитки за нив, им чувавме од гравчето..  🙂

   

819total visits,3visits today

You may also like...