Традиционално V-то новогодишно возење до с.Рудник

   И оваа 2018-ма година, традиционално по петти пат ја отворивме годината со зимско возење до с.Рудник. Времето и оваа година не посака, сончево и ведро, со малку повеќе кал од минатата година.

   

Старт во младинскиот парк, бројката солидна. Вкупно 12-мина бајкери дојдоа да го направиме сефтето за 2018 година. Тројца гости од Скопје, иако Горан и Бране си ги сметаме како „наши деца“. Добредојде и за Коце и за Андреа кои прв пат се со нас. Тргнуваме со мало закаснување поради монтажа на педали на Андреа, кој си ги заборавил во Скопје. До Кула одиме по асфалтен пат преку Велешко езеро, и локалниот пат до Скопје. Времето идеално, сонцето не прати по цел пат, иако во сенка е ладно и мрзно.

   

По некаде 80-90 минути стигнуваме во с.Рудник. Собирно место е селската црква св. Никола каде се прави „скромната трпеза“. Навидум скромна, по сликите не изгледа така. Оваа година кршевме и лепче ( првото неуспешно бидејки го немаше паричето, ама за среќа имавме две лепчиња). За прв пат КУМ на оваа традиционална пост-новогодишна тура е Диме Андоновски. Велес Бајкинг и сите бајкери му честитаат за кумството и му посакуваат многу успешни тури и многу извозени километри во оваа 2018 година.

   

Ја посетивме и бабичката која живее во близина на црквата ( и го заборавив името). И минатата и оваа година таа не пречека во дворот, љубезно не покани во нејзината одаја. Ни ги раскажа неодамнешните средбите со глутница волци пред нејзиниот двор (трагите од волците стоеа во земјата), но и тоа дека храбриот нејзин чувар – шарпланинчето од 100кг ги истерало по Рудничката корија. Ја оставивме со ветување за повторна средба до година, со надеж дека ќе има долг и здрав живот.

   

По неколку часовната свечена гозба, го извозивме вториот дел од турата, кон с.Лугунци и потоа правец кон Велешко езеро. Овој дел, исклучително интересен, со малку повеќе кал, со едно атрактивно паѓање и многу фото сесии…. Се до езерото имавме интересен спуст на кој му се радувавме како мали деца. Малку пауза на Роматик за смена на дупната гума и тргаме кон Велес. Пиво за крај на турата е незаменливо, па кафе бар Сити беше обележано како место за обавување на тој ритуал.

       

По сето ова напишано, следува заклучок дека отварањето на VI-тата сезона на бајкање на Велес Бајкинг е одлично започната. Се надеваме на многу овакви позитивни дружби, многу извозени км, многу посетени настани, многу посетени места и локации во Македонија. И секако, успешна организација на 4-от по ред #Азот2018МтбПредизвик , а потоа и 5-тата велосипедска дружба „Питијада 2018“.

Уживајте во природата и велосипедот….

           

1681total visits,1visits today

You may also like...