ПРЕВЗЕМЕНО: Интервју со Љубиша Кондев, селектор на mountainbike репрезентацијата на Македонија

Љубиша Кондев ја поседува највисоката глобална лиценца за тренер, од Меѓународниот велосипедистички сојуз (Union Cycliste Internationale – UCI), UCI Level 2, за која во Македонија не наоѓа соодветна примена.

Љубиша Кондев почнал да се занимава со планински велосипедизам (mountain biking) во раните деведесетти, кога одвај 5-6 ентузијасти ги откривале атрактивните места за уживање на овој спорт во Македонија, водени од пионерот на првите тури низ земјава, добро познатиот на „маунтинбајкџиите“, „чичко Џими“, Димитар Танев. Зад Кондев се околу 15 титули државен првак во планински велосипедизам (престанал да ги брои) – во Елитна категорија, подоцна и во Мастерс („за ветерани“), а на подиуми се искачувал и во странство. Денес планините низ Македонија се полни со маунтинбајкери, особено за викенд, кога десетици групи со по дваесетина возачи организирано се искачуваат, ја возат својата договорена тура.

„Маунтинбајкингот сега е застапен во Скопје со 90% меѓу оние кои се занимаваат со велосипедизам. Како нешто што може да се каже дека сме направиле е масовноста на овој спорт. Не дека треба да се знае оти почнало од нас, но, ние сме групата која почна да прави трки, да организира настани. Го почнавме Мавровскиот маратон во планински велосипедизам, кој беше првата масовна тура, со 92 километри должина. Годинава ќе се одбележат десет години откако Мавровскиот маратон има натпреварувачки карактер“, вели Кондев.

„Не сакаат денешниве „деца“ да се мачат, како ние што се мачевме порано“

Логично би било, со оглед на оваа драстично зголемена популарност на планинскиот велосипедизам, денес македонските маунтинбајкери да одат, и почесто да се враќаат со титули од меѓународни трки. Но, не е така …

„Застанати сме на некое ниво, како да не сакаат „децава“ да се мачат, како ние што се мачевме порано. Селектор сум на маунтинбајк репрезентацијата на Македонија неколку години по ред. Се бутка на ентузијазам, на желба, тука нема финансии, а многумина тоа не го ценат. Немаме некој систем за тренинг, зашто ентузијазмот бара и чини време, а времето денеска чини пари, а пари овде нема. И полека, спласнува тој ентузијазам.“

Кондев ја поседува највисоката глобална лиценца за тренер, од Меѓународниот велосипедистички сојуз (Union Cycliste Internationale – UCI), UCI Level 2, за која во Македонија не наоѓа соодветна примена.

„Тоа е така, зашто, како што би рекол, немаме доволно суровини, материјал. Тука луѓето почнуваат да возат на повозрасни години, кога веќе не може многу да се направи. За тоа сме сите виновни, сите клубови во земјава. Нема развој на млади генерации, на деца од 5-6 години, од кои би се направиле групи и би имале систематски тренажен процес. Од овие деца секако би произлегле барем еден-двајца кои понатаму би продолжиле. Но, тоа бара многу финансии.“

За највисоката тренерска лиценца, UCI Level 2, во Македонија нема соодветна примена

Кондев вели дека и во вакви услови, одвреме-навреме се појавува некое момче или девојче со добри натпреварувачки предиспозиции, но, „никој не оди до крај, не се бори да ја докаже својата сила, знаење“, да ги поднесе потребните жртви во услови на недоволно финансирање.

„Го тренирав Јован Јовановски, кој завршуваше на подиуми на некои трки на европско ниво, со први, втори места. Беше на Младинските олимписки игри во Кина, и заврши шести во „роуд бајкинг“, иако е маунтинбајкер, но имаше дефект на МТБ трката. После тоа околностите во државата, особено после една негова повреда, кога го нападнаа дека не знаел да вози, а падна на трка, го натераа да се повлече“, ни рече Кондев, пред да побараме да ни го раскаже неговото искуство како натпреварувач.

На меѓународни трки учествувал во Грција, Бугарија, Србија, Словенија, Хрватска …, а недоволните финансии го спречиле да оди на европски/светски првенства.

„Со меѓународни трки почнав во Србија, каде секогаш завршував последен. Првата, втората година … Понатаму, секако, гледав да завршам некое место погоре. Се спријателив со возачи од Србија, и година по година стигнав до тоа да се качувам на подиум. Во тоа време немаше некоја лига кај нас, па, дури и ме бодуваа за српската лига, и на крајот од годината завршував трето, четврто место, што за наши услови е огромен успех.“

А во тоа време немало тимови, со возила за организирано одење на трка. Кондев одел сам, со автобус или со воз.

„Денеска нема такви ентузијасти кои би отишле со воз или автобус на трка. Мои пријатели им викаат – Љубо порано одеше со автобус на трка во Турција, на балканско првенство“.

Во Турција, на Балканијадата во Бурса, до каде прво, сосе велосипедот, патувал со еден автобус до Истанбул, а со друг до крајната дестинација, имал искуство вредно за прераскажување:

„Во Турција на Балканијада бев сам. Интересно беше – влегувам во хотелот каде што беа сите екипи, и имаше една голема маса со дваесетина столчиња и македонско знаме на неа. Кога влегов сам се зачудија, па им кажав дека сум „one man show“. Тогаш Турчинот зема една маса, ми постави столче, како да сум раководител, на позиција од која сите можев да ги гледам. На предјадењето со мене јадеше Гркот, за главното јадење друштво ми правеше Србинот … Гркот ме праша кој ќе ми дава вода на трката, кога мораш да имаш ваков вид поддршка. Му реков – не знам, ќе ги прашам Србите. А не, ми рече, па викна некој од нивната техничка служба и ми кажа: Овој ќе му дава вода на најдобриот од нас, а зашто ти си најдобар од кај вас, и тебе ќе ти дава.“

На подиум

Дополнителна вредност на маунтинбајк подвизите на Љубиша Кондев дава податокот дека паралелно со титулите во овој спорт, неколку години по ред бил и државен првак во мечување. И тука, во мечувањето, има сертификат за тренер од најценетото тренеско име, Французинот Daniel Levavasseur.

„Еден месец бев во Париз, кај Levavasseur, кој е тренер на кинеската мечувалска репрезентација, која ја победи дури и Франција на светско првенство (2011 ги направил Кинезите светски прваци, а 2012 олимписки).“

Генетски предиспозиции за спорт, за потребните оптоварувања, на Кондев му биле потврдени на тестирања во Словенија, на Факултетот за спорт во Љубљана.

Додека работел таму, од истиот факултет добил уште една диплома за тренер по велосипедизам.

„Факултетот за спорт во Љубљана овозможи, преку оглас, сите што работат како тренери, а немаат факултетска диплома, да можат да полагаат. Јас бев единствен од Македонија. И од таму имам диплома за тренер по велосипедизам. Услов беше да имаш минимум педесет часа меѓународно искуство, а тоа го имав зашто тогаш бев рангиран на UCI, светската ранг листа“.

Љубиша Кондев ја има среќата, како што вели, и да го работи она што го практикува, а имено, продава велосипеди – официјални претставници се на американскиот производител Trek.

„Сѐ што продаваме, ние го возиме и му го докажуваме квалитетот.“

Кондев поседува градски точак, роуд бајк, маунтин бајк – последниов, секако, најмногу сака да го вози.

„Секојдневно се движам низ Скопје со точак – и по дожд, и по снег – за мене нема лошо време. Нема лошо време ниту за велосипедот, но има четири гардероби за возачот, според годишните времиња. За движењето низ градот, без разлика на инфраструктурата, лесно се снаоѓам, возам секаде. За жал, велосипедските патеки што се обележани со црвено, пешаците ги доживуваат како „црвен тепих“, па се движат по нив, и тука настануваат конфликти. Невнимателни сме како учесници во сообраќајот, и пешаците, и велосипедистите, и возачите на автомобили. Хаос ни е сообраќајната култура, ова, потенцирам, важи и за велосипедистите. Каква и да направиме инфраструктура, ништо не ни помага освен зголемувањето на културата.“

Кога веќе ја споменавме културата, го прашавме Кондев колку е амбициозно од Скопје да се очекува некогаш да стане „велоград“.

„Во Копенхаген, во Амстердам, велосипедот е дел од нивната култура што ја манифестираат и на секој друг план. Ние фрламе ѓубре на улица – оние што се сметаат себеси за покултурни фрлаат како да го кријат тоа и од себе. Кај нас во централново градско подрачје од 2 километри – со дуќанот гравитирам во Дебар Маало, 90% одат со автомобили. Сите сакаат да одат со автомобил. А Дебар Маало е кафеански дистрикт, па може да се замисли што би се покажало кога би дошла полиција и би побарала возачите да дуваат за да се утврди количината на алкохол во крвта. Зашто тие со скапи коли, што плаќаат скап паркинг и паркираат на тротоар, не пијат сокче.“

Текстот е превземен од веб порталот: patem.mk

1047total visits,1visits today

You may also like...