Предновогодишна обиколка на Катлановските ридови

На само 10 дена пред новата 2018, убавото сонце и ведрото време ни подари една убава локална тура низ Катлановско.

Тргнувајќи од Петровец, кај денешниот екстра домаќин Бране, нашиот почесен член, 5 члената екипа тргна кон Кожле. Асфалт до Катланово, па малку угорнини до Блаце. Пауза на локалната чешма, ние полниме „гориво“. До овде времето срамежливо, сеуште под облаци и сиво, но тоа не е причина ние да не продолжиме. Стасуваме до Кожле, и повторно во центарот на селото, убава селска чешма. Сликање и мал одмор, а потоа добар спуст со реката Вардар.

   

Наоколу мислиш е мини војна, пукотници насекаде. Викаме како на концерт, инаку тешко нас…. Доле до Вардар, малку кал, многу уживање. Тесна патека, слична на онаа пред Башино село од „Питијада 2017“. Стасуваме до висечкиот мост на Вардар, на 200 метри Пчиња се влева во Вардар. Убаво место, докторот вика ова било идеално за концерти.. Пауза, сликање, снимање што ли уште не. Стигнаа и ловџиите, малку чудни ловџии – тројца со една пушка, ама они си знаат, нели. Одиме кон Кожле ама од другата страна, од сртот на кој е црквата св Богородица (успение Богородично). Црквата е вградена во карпа и поради тоа има несекојдневен изглед. Инаку на релација по автопатот Скопје-Велес невозможно е да не ја забележите оваа убавина.

       

Одиме по угорнината, тесен козји пат, а од десно провалија. Ама адреналинот на максимум. Уште една пауза за сликање и позирање и уште една средба со локален ловџија, тука од Кожле. Влегуваме во селото, убавини, Македонска рапсодија, за жал повеќето од куќите напуштени како и секаде…. Поминуваме покрај црквата „Вознесение Христово“ каде е погребан големиот поет Гане Тодоровски и каде во негова чест сеоја година има поетско читање. Изградена е во 1847 година. Инаку, Кожле е познато и по авионската несреќа. На 6 септември 2016 година во околу 17:40 часот приватен авион со Германски ознаки се руши во близината на Кожле и загинуваат сите 6 патници и членови на екипажот. На излез од селото вртиме десно, добар спуст, некаде  1-2 км се до с. Бадар. Полека завршуваме со возењето, времето веќе одамна е сончево, мислиш мај месец е. Најтешкото возење сепак е на релација Катланово-Петровец, не поради уморот, туку поради досадниот рамен пат, кој освен авотмобили ништо друго не ти се случува.

        

Возењето го завршуваме во дворот на Бране, кој спремен како и секогаш извади скара, малку мезе и многу позитивна енергија. Кога ваква тура ке заврши вака, впечатокот е комплетен. Знам дека ке ја повториме набргу. Заклучивме дека годината официјално не успеавме да ја затворивме, односно неуспешно е прогласена за затворена од причини што и нема ден за одмор. Само прашање е кој дали сака и дали е подготвен. Ние знаеме дека СМЕ подготвени…

        

До следна тура, среќни Новогодишни празници, Среќна Нова 2018 и .. се гледаме на традиционалната Новогодишна тура до Рудник во првиот викенд во 2018, веќе по петти пат…

 

1122total visits,1visits today

You may also like...