Несекојдневна вело-планинарска-авантура на Essential Macedonian bike touring

Четиричлена екипа на Essential Macedonian bike touring направија четиридневна велосипедско-планинарска тура од Скопје до Боровец (Бугарија)

Ви пренесуваме директна изјава од еден од членовите на групата #JordancoCvetanoski

После повеќекратното одложување на турата во текот на летото, конечно ја реализиравме велосипедско-планинарската тура од Скопје до Боровец во Бугарија.

Од главниот град јас (Јорданчо) и Коста тргнавме во 17.30 часот, а со Филип и Мартин се чекавме над Арачиново околу 18.30 часот. Со 15-20 килограми товар го започнавме нашето патешествие до соседна Бугарија, Боровец.

Првата пауза ја направивме кај кумановската автобуска станица за овошје и дополнително облекување, а веќе температурите пред Крива Паланка беа мошне ладни, па мораше дополнително да се облечеме со зимска гардероба.

По изминувањето на Крива Паланка следуваше 13-километарскиот успон кон ГП „Деве Баир“ и влез во соседна Бугарија.

После полноќ веќе влеговме на територија на Бугарија, а спустот од ГП Деве Баир до Ќустендил беше вистинско ужување и одморање на мускулите по долгиот успон. Набрзина го поминавме Ќустендил без да правиме накаква пауза, а убавиот мирис на баничките во пекарата Дупница не натераа да застанеме на пауза за јадење.

Следуваше здодевниот прав пат после Дупница и искачување на превојот Клисура и пристигнувањето во градот Самоков. Прекрасно уреден град, со чисти улици, интересни градби, фино средени куќи покрај патот, мирно место без голема бучава.

Додека јас и Коста ги чувавме велосипедите пред Лидл, Мартин и Филип внатре пазареа работи, а откако излегоа направивме смена. Ни преостанаа уште 10 километри до Боровец. И повторно искачување и трошење на последните сили додека да се сместиме во хотелот „Иглика“.

Околу 16.00 часот по локално време веќе бевме пред хотелот, а персоналот љубезно не внесе во собата во која бевме сместени. Туширање и в кревет, за да бидеме добро подготвени за тоа што не чека утредента.

Недела наутро. Ден на независност на Бугарија. Стартуваме со планинарење по Мусаленска патека и искачување кон највисокиот врв на Балканот, Мусала (2925м). Времето беше прекрасно за движење низ планина, убаво сонце со тивок ветер. Кај планинарските домови непосредно пред качувањето кон врвот забележавме многу планинари со развиорени бугарски знамиња и љубители на природата.

За помалку од шест часа се искачивме на врвот Мусала и следеше пауза за кафе. Коста на секоја тура носи плинско и турско кафе и направи на Мартин и Филип по едно турско кафе – на бугарски врв.

Откако се симнавме од врвот, следеше релаксирање со грицки и пиво во хотелот Иглика.

Понеделник наутро. Го напуштивме хотелот и се упативме кон Софија, за шопинг во спортската продавница Декатлон. И повторно истата шема. Јас и Коста дежуравме пред продавницата, додека Мартин и Филип пазареа внатре. Откако завршија, јас и Коста веднаш влеговме и набрзина купивме тоа што ни треба и ја напуштивме Софија со дополнителен товар од купената опрема од Декатлон.

Времето почна да се наоблачува, а веќе во вечерните часови почна да врне дожд, па моравме да облечеме заштитен слој против дожд.

Пред Дупница се спушти магла, што го отежнуваше спуштањето од превојот Клисура и моравме да бидеме внимателни поради влажните улици. Дождот никако не престануваше, што тоа дополнително го отежнуваше нашето движење и упатување кон Ќустендил и искачувањето на ГП „Деве Баир“.

Околу 06.00 часот по македонско време ја поминавме границата и следеше спустот кон Крива Паланка и упатување кон селото Петралица, каде беше планирано да одмориме неколку часа во викендицата на Филип.

Откако стигнавме, преспавме 4 часа и време беше да го зададеме последниот удар – враќање кон Скопје. На почетокот на исплаши времето кое беше облачно, но за среќа не заврна дожд и враќањето во Скопје беше според планот.

Сумарно, изминавме 540километри возење – 6500м висинско качување 26километри планинарење и 1650м висинско качување….

Искрени честитки за овој нивен подвиг…

2378total visits,32visits today

You may also like...