Мариово off road experience VIII издание

Изминатиот викенд по осми пат, се одржа најстариот outdoor настан во Македонија – „Мариово off road experience 2019“.

Оваа година домаќин беше с.Зовиќ каде и беше сместен кампот со учесници. Настанот траеше два дена, со тоа што возењето низ Мариовските дивини беше во сабота.

       

Преку 100-на учесници од цела Македонија како и секоја година беа сведоци на убавините кои Мариово ни го препушти. Зовиќ како стартна и крајна цел оваа година ни приреди малку поинаков поглед  ( обично овде доаѓаме исцрпени и уморни, за да пресметаме дека наредните 11км до с.Манастир се најтешките). Благодарение на организаторот оваа година навистина уживавме. Тешкиот дел го поминавме веднаш, одморени и потоа цел ден ни беше песна. Ама вистинска песна, малку од нас, малку од птиците околу нас.

Бањањето во Градешка река под познатиот мост овој пат изостана, поради обврската и целта од оние 45 км кои треба да се поминат. Оние кои кампуваа имаа ексклузивна можност тоа да го направат по турата или пак наредниот ден. Оние со други работни обврски за жал, мораа да го напуштат убавиот етно ресторан во селото.

       

Инаку, патеката и оваа година освен позитивната промена на стартот, ја имаше истата должина и елевација , но останува впечатокот дека изгледаше далеку полесна и поинтересна. Буквално уживавме во секој нејзин дел, од стартот преку посетата на манастирот св.Никола во с. Манастир, преку паузата над с. Бешиште и онаа панорамска глетка над селото, па урнебесниот спуст , и се до с. Градешница каде неодминливо е седењето пред коперација и дегустација на „Крали Марко“…Само поминавме покрај родното село на Калеш Анѓа – с.Старавина ( таму беше екипата од малата тура со специјални водичи кои ја доловуваат и детално објаснуваат ама буквално секој поглед од Мариовскиот крај). Овој дел барем за мене е восхитувачки поради фактот што возиш велосипед а до тебе, буквално до тебе е преубавиот Кајмакчалан. Неизбежна фотографија овде и полека се упатуваме кон крајот- с.Зовиќ. Кругот и комплетните впечатоци ги затвораме со преубавото гравче и се разбира повторно по едно „Крали Марко“…

       

Сумарните впечатоци се дека и овој , 8-ми по ред настан вреди за секој момент. Вреди за нас кои патуваме по 350 км во еден ден за да ги впиеме убавините на Македонија, вреди и за организаторот Боби кој оваа година настанот го надополни со хуманитарна цел – помош на еден наш пријател по точак. Вреди за сите нас, за промоција на селото, на оние наши природни убавини кои Македонија ги има премногу, само што ние како поединци не успеваме да ги пронајдеме ( а упорно ги бараме некаде во странство)… Вреди за сите, за жал, не вреди само во очите на оние институции кои не сакаат овие настани да ги препознаат како наши промотори, како наши предводници на овој вид на туризам. За нив сето ова е залудно трошење време, за нив подобро е државните пари да се  вложат во некоја скапа кола во која ке се вози некој локален или државен функционер. За нив не вреди оваа работа…. За жал, Ентузијазмот полека изумира како Мамутите во минатото.. умира и со тек на време доколку некој не ги третира овие настани како извонредна можност за промоција на Македонија, ќе се затрупаме во прашина, во калта која ја газиме со точаците и едноставно… – ќе не снема.. Можеби тогаш некој ќе се сети на на овие луди глави кои си го потрошиле животот на нешто…

Ама подобро на нешто отколку на ништо, има некоја таква изрека..

   

Мариово, до следно видување во 2020 година, остани ми со здравје.. и ти и Калеш Анѓа и Итар Пејо и Градекиот мост, и Витолиште, и Пантеле и Боби Касандар..и сите ние кои си го сакаме како дел од нас…..

854total visits,4visits today

You may also like...