Крушевската корија во својата петта приказна

Петтата сезона од Крушевската outdoor романтична бајкерска РЕВОЛУЦИЈА се пишуваше минатиот викенд во Крушево. Мечкин камен ги прибра сите велосипедски револуционери, кои имаа задача да ги промовираат убавините на оваа наша Македонија и со тоа да прикажат слика која ќе привлече поголемо внимание кон домашната и меѓународната туристичка јавност. Дали успеаа или не, на крај на денот и не е толку битно, битно е дека сите отидовме дома преполни со позитивни импресии, насмевки и секако со добиена ТАПИЈА за освоена револуционерна манифестација. А да се има Тапија од Крушево, не е мала работа.

       

Дводневната програма како официјална започна саботата рано наутро ( иако дел од учесниците беа таму од петокот). Уште утрото имавме задача да ја извозиме патеката, заедно со нашиот пријател Хенрик, инаку голем вљубеник на велосипедизмот, на убавините на Македонија и секако по професија дипломат, амбасадор на Р.Словачка во Македонија. Неколку часовна прошетка со него по убавините на Крушевската корија ми даде можност предвреме да ја испробаме „новата“ патека трасирана од организаторите на  #КрушевоНизКорија2019 Иако во најголем дел патеката е скоро иста, едно големо браво за другарите од организација кои практично само ја свртеле во обратна насока патеката во неколку сегменти, ја продолжиле до Мусица (1791мнв) каде за разлика од минатите години овој пат на сите велосипедисти им дава можност да освојат уште еден врв. Иако не се искачивме на врвот, го посетивме планинарскиот дом Стара Мусица (1650мнв) од каде се простира прекрасна глетка кон Општина Пласница и планинските предели кон тој регион. На врќање секако поминавме до манастирот Св.Преображение, и од таму по трасираната патека преку споменикот „Слива“ се до Крушево ( за патеката ќе пишуваме подоцна).

       

По завршната саботна контрола се вративме во кампот на Мечкин Камен каде веќе бајкерските револуционери ги спремаа своите алатки за дводневната револуција. За почеток, најважната алатка – скарата. Некаде 18:00 на перфектно уредените места предвидени за скара, започнува револуцијата. Димните сигнали се ширеа на сите страни, а жртви беа  сите можни месни производи. Секако пред тоа, салатата надополнета со домашна ракија – знам кој ја имаше најубавата ракија на настанот, ама не живееме со него 🙂 . Сето ова го формираше почетниот адреналин кој кулминираше во вечерните часови, а најголемиот виновник за тоа беше Македонската музичка легенда, лејди Вера Јанковиќ. Замисли, Мечкин Камен, отворено небо на 1400мнв, а група весели лица со крајно позитивно расположение – плус Вера дрма на тоа миксовите… Така добро не расположи, што сите се чувствувавме како штотуку влезени во пубертет и само што не пуштиле од дома  со излез до 23:00. Така се изнаигравме и расположивме како никогаш до сега. Ма најголемо браво и за Вера и за сите нас!!! Не знам кој барем малку помисли дека утре треба да се вози ( како и секаде по настаниве).

      

И да, наредно утро како ништо никогаш да не се случило…. 06:00 наутро, кампот се буди, кафето е неизбежно, утрински појадок, некој прави гимнастика, некој појадува, а има и по некоја ракија ( да не се фрла од вчера салатата)..

Стартот е во 10:00 (малку доцна по мое мислење), со разлика од неколку минути за средната, малата и планинарската тура. Битно сите среќни и весели тргнуваат, секој со својата агенда- планинарска или велосипедска, сеедно. А да, некој најсреќен си лапна и ТВ од спонзорите ( во боја, гратис даљинско). Патеката, веќе спомнавме оваа година различна од претходните 4 години и тоа дава дополнителен мотив за сите кои ја возат средната и големата патека. Првиот дел од патеката е ист, првата пауза на старо место некаде на 10-от км, па преку интересни патчиња се до подножјето на големиот Крушевски Крст. Од таму започнува различниот дел од минатите години кој, иако на прва изгледа тешко, воопшто нема забелешка од ниту едену чесник, напротив задоволството е скоро секаде. На половина од патеката се дели групата за врв Мусица и оние кои возат до манастир Св.Преображение. Поради временска ограниченост ние сепак решивме да ја возиме средната, ама пративме тројца емисари да не биде дека Велес Бајкинг возат по мали тури 🙂

Паузата на манастирот Св.Преображение ја искористивме да го разгледаме манастирот, фотографиите се неизбежни, и секако да се потсетиме на нашиот непрежален ангел Тоше Проески, чија идеја за овој манастир стана реалност и која Крушевчани со голема почит и верољубие го негуваат манастирот. Секако како договорени, ни дојде и останатата екипа од Велешката банда ( со кола нормално) па направивме и овде неколклу заеднички слики.

        

Од таму веќе е полесно ( не дека беше тешко и на почетокот), Скоро до градот патеката е со благ спуст и поминува низ прекрасна букова шума, . Паузата на споменикот „Слива“ ја искористивме повторно за некоја слика и за оддавање почит на младите 40-на комити кои својот живот го дале за одбрана на Крушево во последните денови на Крушевската Република. Поради тоа што, за жал, поголем дел од нас не ја знаеме точната историја на ова битка, да напишеме неколку реда во нивна чест.

  Битката кај Слива (12 август 1903) (1357мнв) Битката кај „Слива“ е уште еден пример од борбите за време на Илинденското востание која восхитува со пожртвуваноста на македонските востаници. Оваа битка е дел од Илинденската епопеја за одбрана на Крушевската Република. Тоа е битка во која востаниците до последен човек ги бранат позициите за да му овозможат на населението да се извлече од градот. Тоа е пример за жртвите кои ги поднел македонскиот народ во борбата за создавање на самостојна и национална држава. Најтешката задача ја имал одредот на војводите Ѓорги Стојанов и Диме Смугрев. Тие ја добиле задачата да ги бранат позициите на проодот „Слива”, каде што се штитело повлекувањето на населението кон гората. Тие позиции се сметале за најважни за одбраната на Крушево. Тој одред имал задача да ја задржи турската војска се додека населението и останатите одреди не се повлечат од градот кон гората. Голем број од овие млади Илинденските востаници кои ја бранеле Крушевската Република, биле од водот на Тодор Христов – Офицерчето, роден 1878 година во градот Велес. Со оглед на саможртвата, стратегиското значење и последиците, ова битка е на исто ниво како и битката кај Мечкин Камен. Во битката кај Слива е запленето и едно од Церешовите топчиња кое и ден денес се чува во Воениот музеј во Истанбул, Р.Турција. (Толку за историските факти, ова бепе само мотив да прочитаме нешто повеќе за нашата историја, и со тоа да се поттикнеме да си ја сакаме Македонија)

По „Слива“, патеката ја трасираме до „Македониум-от“, грандиозен споменик, ремек дело на Јордан и Искра Грабулоски, каде се наоѓа гробот на првиот Претседател на Крушевската Република, Никола Карев.  И Таму сликање за да имаме што да меморираме кога ке остариме, што да им кажуваме на нашите деца, внуци.. А богами, имаме што да им раскажеме 🙂

          

Крајот на турата како и секогаш завршува со вкусно гравче ( и пиво, и пиво) во хотел Монтана. Домаќините убаво се потрудиле да не удостојат и покрај големата гужва од гости. Покрај ручекот, овој дел е наменет и за разговор со сите познаници, пријатели, браќа по точак…. До следната средба, секако ( каде и да биде). Убаво е да се биде дел од ова голема екипа која ни во еден момент не помислува на кавги, недоразбирања или не дај боже – политика… Па има многу поубави работи овде за разговор, на моменти и молчењето е дел од таа велосипедска хармонија.

Ние бајкерските револуционери ќе го паметиме овој настан како најдобар во неговото 5-годишно постоење. Огромни честититки за сите кои се вклучени во организацијата, браво за големиот број на заинтересирани помагатели на настанот ( добро е, има надеж ) и секако голем почит за сите велосипедисти кои беа овие два дена на Мечкин камен. Без нив – ништо. Секако дека и ние како #ВелесБајкинг сме радосни што како и изминативе 4 години, така и во оваа петта приказна имавме свој придонес да напишеме по некој дел. Сите заедно сме создавале, создаваме и ЌЕ создаваме приказна која ќе се прераскажува со години.

До следната револуционерна дружба , УРА за сите вакви настани, УРА за организаторите…

Да живее МАКЕДОНИЈА!!!

п.с. за времетраењето на овој револуционерен настан, неколку стотини параглајдери од целиот свет од некаде разбрале за одржувањето на овој настан, па неколку месеци претходно решиле да ни бидат гости. Не знаеле како, ама опиени од големата желба да бидат дел од овој настан решиле да го преплават Крушево со своето присуство и ни помалку ни повеќе да си направат своја журка наречена 16-то Светско првенство во Параглајдинг, и види, за чудо се собрале ни помалку ни повеќе – од 49 земји во светот!!!.. Почестени од нивното присуство решивме да ги оставиме да си летаат и да уживаат во убавините на славното Крушево, на убавата ни Македонија и да раскажуваат за нас кога ќе се вратат по дома. И да ги поканиме повторно и следната година да ни бидат гости, а Крушевчани да го подигнат малку повеќе нивото на среден град, чистотија и беспрекорна услуга за да имаме со што да се покажаме на светот ( едноставно оваа прилика за светски туризам кој реално и финансиски ќе го подигне градот Крушевчани не смеат да ја пропуштат). Сигурен сум дека следната година ќе имаме гости од барем 70 различни земји…

                           

1587total visits,2visits today

You may also like...