Караџица WEEKEND

Долгонајавуваната собиранка на пл.дом Караџица конечно ја реализиравме минатиот викенд, со преубаво време,луѓе, дружба и секако добро возење до подножјето на Бегово поле.

   

На почеток добро е да се превземе некој збор од други пишани оставштини, како најава за еден од најубавите домови во Македонија.

Планинарскиот дом „Караџица“ се наоѓа на падините на планината Мумџица која е составен дел на планинскиот масив Јакупица која пак го завзема централниот дел на Република Македонија. Изградбата на домот е започната во 1952 година, а во свечена употреба за посетителите е пуштен во1954 година.(според кажувања на планинари кои учествувале на отварањето). Домот Караџица, се наоѓа на 1450 м.н.в. и до него може да се пристигне на неколку начини и од неколку правци. Со возило патот води од Драчево кон селата Д.Количани-Горно Количани-Црвена Вода-Преслап- потоа кон викенд населбата Мала Река, па кон селото Алдинци каде по неколку километри се пристигнува во домот“.

       

Дополнително, од нас да кажеме дека погледот од Караџица кон Јурукова карпа, врвот Убава (2.346мнв), четирите мали реки Јуручица, Алиагица, Кадина и Салаковска, погледот кон Салаковски езера, па погледот кон преубавиот врв Љуботен прават слика во нашите мемории која реално не може да се избрише во наредните три животи.

Месеци, денови и часови поминавме да ја реализираме оваа дружба. Ќе одиме, нема да одиме, имаме други обврски, немаме други обврски, ке врне, ке паѓа снег, ќе биде жешко…. На крај, падна договор – ОДИМЕ!! Екипа од Велес Бајкинг, Друштво на Неозбилни Велосипедисти, мили гости од Ресен, специјални преставници од Украина и Словачка, девојачкото Скопско лоби, кој со скршена рака, кој со скршен точак…

Собирно место – с.Количани. Полека екипата се собира. Тргнуваме во 10:00. Полека, никој не не брза(така сите се тешат), почнуваме со асфалт. и на патот научивме многу работи. На пример, нешто за Мечкиниот лук, травка која служела за појадок на Мечките. Ние го пробавме, има вкус на вистински лук. Поминуваме неколку села Црвена Вода, Мала Река, Алдинци (1260мнв).. Прекрасни места кои за жал се заборавени како резултат на погрешниот начин на живеење во ова лудо време.

   

Некаде 15:00 пристигнуваме во пл.дом Караџица. Редоследот на нештата се претуваат, наместо да се сместиме, па да одмориме па по едно пиво, редот иде вака, прво пиво, па пиво, па пиво… итд…сместувањето и не е битно, кој ке ти го украде креветот. Битно е да се фати позиција на платформата која дава незаборавен поглед кон река Кадина. И тука може да заврши денот, бидејки ништо повеке и не е важно, Караџица е освоена од бандата хајкери-бајкери. За жал мал дел од екипата ( амбасадорот Хенрик Маркуш) мораше да се врати поради неодложни обврски. Вечерта по некое мевце на скара, огин, а богами и шанкот нешто се расклати па дел од екипата мораше да го потпира до касно во ноќта.

   

Вториот ден светна многу рано, уште во 05. Не дека така сакавме ама искрено, мал дел некултурните планинари кои идеа од Солунска Глава беа толку гласни што мислиш дека си на распродажба во Сити мол. Било како, после тоа одиш доле на платформата и седнуваш и чекаш изгрејсонце, онака со кафенце. По редоследот на нештата по кафе, појадок, доаѓа планот за вториот ден. Дел од нас оди до Бегово поле со точаците, дел оди на прошетка до Кадина река. Оние кои беа на прошетка до Кадина река не ни раскажаа ништо, ама по нивните реакции знам дека си поминале фантастично. Ние пак, кои решивме да потрошиме уште некоја калорија од вчерашната скара, тргнавме со точацие кон Бегови, иако и самите знаевме дека нема да стасаме до таму од повеќе причини, меѓу кои и снегот и калливиот предел. Како и да е до крајната точка поминавме небројни фантастични предели од кои едноставно не ти се мрда, сакаш да останеш вечно таму. Сликите можеби доловуваат дел од ова, но во реалноста е многу,многу подобро. За тоа може да посведочи екипата која беше таму – Русот, Сандра 1, Сандра 2, Никола, Драган 1, Драган 2, Елена, Ростислав, Зоран, Александар, Даме, Дејан, ….

   

Се враќаме во 14:00 , почнуваат рипреми за враќање. Реално, на никого не му се трга, се приметува од авион, ама нема избор. Спустот до рибникот Принц некои го поминаа по нормалниот пат, а некои по оној, полудиот ( кој за што учел викаат). На враќање си набавивме и мал дел од она „мечкино лукче“ како подарок за домашните, демек од секое светско туристичко место се  носи по некој украс..Договорот е завршно пиво во Драчево, таму отприлика и завршува оваа прекрасна приказна, која искрено мораме да ја повториме. Ако не за месец-два тогаш во септември сигурно. И побројни и повесели..

Не ја пропуштајте КАРАџица, посебно ако сте со нашата весела банда..

#bikingveles

#ВелесБајкинг

#mtbweekend

#mtbgroup

           

959total visits,2visits today

You may also like...