Кајмакчалан….. Кајмакчалан…

Тешка е задачата да се пишува за Кајмакчалан. Посебно е тешка ако станува збор за искачување со точак. Ама уште по посебно е задоволството кога ќе се искачиш, таму горе, таму каде што пред 103 години било крваво поле за преживување..

  

Уште кога договаравме со екипата од Битола немав сомнеж дека ова ке биде добра тура, ке биде ден за бајкерско паметење. Иако пратив покана до поќемина, трочлена екипа од Кавадарци без размислување прифатија. Супер. Сега имаме 7-член екипаж од 4 града, Велес, Кавадарци, Битола и Демир Хисар. Се е спремно за денот Д.  И полека си ги одбројуваме деновите.

Ден пред одење во Велес врне. Истури како од кофа. Арно ама не станува ни збор за некако одложување, не ни помислив да се јавам за да прашам као е времето во Битола, едноставно не ни сакав да помислам дека Кајамакчалан ќе го одложиме. Ден пред турата направивме семејна прошетка до Чеплес, пешачејќи 16-на км малку ги потрошив нозете. Вечерта прашање: – Дали со вака малку здрвени нозе ќе успеам? Дали дождов е отиден и доле до граница? Дали….Така се до 04:00. Веќе следната минута се сврте цела страница и јас сум во кола со спремен арсенал за возење – точак, ранец, пумпа, житарици, неизбежното кесе со урми и ораси. Се собираме кај Дреново со екипата од Кавадарци и – тргаме. За кратко сме Битола, и таму малку пауза за последни припреми. 07:20 тргаме кон Скочивир, село кое е во Битолскиот дел на Мариово, село каде поминува реката Црна која од таму го продолжува патот се до Тиквешко езеро, преку Мариово, Неготинскиот регион, археолошкиот локалитет Стоби се до уливот во Вардар. Цели 207 км.

        

Над Скочивир локалните власти направиле скромно, но убаво излетничко место со мал, но уреден паркинг простор. Тука се стациониравме со колите, и тука започнува нашата авантура. 08:10 спремни тргнуваме, од самиот старт па се до следните  32,5км ретко каде има некоја удолнина или барем некоја рамница за одмор. Нејсе, ние и зато сме дојдени, ќе ја изораме планината па макар таа да се викала и Кајмакчалан. На старт ги сликавме оние патокази со информации за должина на патеката, и часовите кои треба да ги потрошите за да стасате до врвот. Иако податоците се за планинари, по она што ние го меревме и измеривме, заклучивме дека патоказите се – погрешни! Скоро сите. Не дека ни требаа патоказите, не дека се уплашивме од должината, туку онака, во оние престојни 6-7 часа мораш со нешто да го занимаваш мозокот, оти нели, телото секако е веќе ангажирано…  🙂

        

Прва пауза на 7-от км. Мал одмор, иако не бевме уморни. Мислата кон Кајмакчалан не водеше. За било каков умор не стануваше збор. Втората пауза, некаде на 14-от км и третата пуза на чешмата на првата караула како да беше онака, ради реда, колку да земеме здив. Ама стварно сакавме што побргу да се искачиме на врвот. Вториот дел од патеката, некаде на 19-от км се почуствува вистинската тежина, таму каде имаше ем угорнина, ем доста песок и прашина. Имаше од се по нешто, ама немаше нервоза и откажување…Имаше и блиска средба од третвид, односно на дел од патот не пречека Баба Меца со своето мече. Среќа што ја видовме на време и уште поголема среќа што Мечката испадна фер па ни го ослободи патот, а таа се повлече во непроодниот дел од шумата. Иначе, ќе требаше да се расправаме.. ..

Точно  400 минути од стартот, или поточно 6,5 часови стигнавмена врвот. И временски и температурно разликата беше очигледна, Скочивир 26 степени, а на „Господарот на врвовите“ само 7-9 степени со благ северен ветер. И тоа релативно смрзнување воопшто не ни пречеше, напротив чувството беше воодушевувачки. Човече, ние сме на врвот!!!. Цел час ни беше потребен за одмор, сликање, ручање и комплетно разгледување на Спомен капелата од Битката на Кајмакчалан во 1916 година кој всушност е црква „Св.Илија“, потоа разрушената болница од првата светска војна, како и гробницата каде сеуште има черепи од загинатите војници од Македонскиот фронт.

        

За да не биде дека само возиме, еве некои податоци за овој објект, малку историја, географија и фактопедија…. Кајмакчалан е највисокиот врв на планината Ниџе. По Македонски е Кајамакчалан, По Грчки е Ворас, по Бугарски е Борисовград, а по Српски Порта на слободата и Праг на татковината, а на Турски пак се нарекува и „врв на врвовите“ или „Господар на врвовите“. Како и секој дел од нашата тажна историја, псебно во делот на првата светска војна и Балканските војни каде последиците од тоа распарчување го чувствуваме и ден-денес, секој кој како сака си го нарекува овој дел и нормално си го присвојува како свое.. А факт е дека ова е свето Македонско место каде многу Македонски војници изгубиле глава борејќи се за туѓи интереси. Да, овде на 17 септември бил Македонскиот(Солунскиот) фронт помеѓу Бугарската војска од една, и Српската армија во сојуз со Француската од друга страна. До ден денес стојат и черепите на многумина паднати војници од двете страни, а тука е и Урната на која некогаш стоело срцето на познатиот Швајцарски форензичар, публицист, доктор на хемија и професор на Универзитет во Лозана Арчибалд Рајс кој бил голем приврзаник и идеолопоклоник на тогашна Кралска Србија.

        

Толку од фактите. И да, факт е дека на оваа висина, онака испотен и изморен, тешко дека може да се задржиш повеќе од 30-на минути. Факт е дека искаченото треба да се спушти. и непобитен факт е дека крајно исцрпувачки ни беше баш овој дел. иако планот беше да се симнеме за едно 60-на минути, теренот дури на удолнината си ја покажа својата сила. Многу камења, песок, кривини бараат постојана концентрација и координација на рацете, нозете и мозокот… Тоа вака напишано е многу едноставно, ама оди вози 35км по тој терен. Е затоа наместо еден час, ни беше потребно повеќе од два часа. Добро. Колку и да е, стасавме доле. Малку уморни, повеќе среќни што здрави, прави успеавме. Ја исполнивме целта, го искачивме Кајмакчалан, го искачивме врвот кој во бајкерските кулоари важи за една од најтешките тури во Македонија. Реално, сега планинскиот велосипедизам е во голем подем кај нас, па и поединечните тури се цртаат и скицираат се подолги и потешки, па оваа тура и не е од оние најекстремни, но сепак Кајмакчалан бил, моментално е, и ке биде секогаш еден од најголемите предизвици и сон на секој кој барем малку се пробал во овој спорт.

Како за крај, можеме да заклучиме дека  – КАЈМАКЧАЛАН Е ИСКАЧЕН, ОСВОЕН…како сакате кажете… И тоа со точак!!!

п.с. Ајде да не биде самопофалување, ама мое мислење е дека сум првиот Велешанец кој го има искачено Кајамакчалан со точак. Можеби има стотина и стотина со планинарење, било од Грчка страна, било од Македонска.. но од оваа, Македонска страна, со точак, мислам дека нема… Еве поттик за младите велосипедисти ( а ги има се повеќе и повеке) за повторување на сето ова..

               

З.Ј.

Велес Бајкинг- Велес

септември 2019 година

766total visits,1visits today

You may also like...