Македонски мтб приказни: Февруарска пролет до Копришките водопади, Демир Капија

Прва „заедничка“ тура со нашите  пријатели од СК Клисура-Демир Капија. За почеток на оваа мтб сезона 2020 го посетивме Копришки Водопад

   

Заедничката велосипедска приказна ја започнавме со СК Клисура, пријателите од Словачката амбасада и големиот пријател на Македонија, г-н Хенрик Маркуш. Собрани во центарот на Демир Капија, 12-члената група тргнавме по една од велосипедските патеки кои во Демир Капија ги има многу, скоро сите се добро обележни, и за наше чудо големо Македонски, скоро сите стојат на своето место. Добро за сите, добро за нас велосипедистите кои имаме можност да ги користиме овие волонтерски трудови на СК Клисура.

Првите  неколку километри ги минуваме низ рамен предел, низ неколку дрвени мостови, две реки Бошава и Дошница кои се дел од оваа приказна. Поминуваме низ село Дрен, пауза пред „кафеана Краставац“ од каде евоциравме спомени за една добра мтб дружба во 2017 година. Продолжуваме понатаму, веке од с. Дрен (250мнв) на 7,7, км започнува off road патеката. До црквата Св.Ѓорѓија (606мнв) каде ни е предвидена првата поголема пауза има 5,5км со константна угорнина и елевација од 356м . Точно 150 минути ни требаше да стигнеме до црквата што е некое време за просечен велосипедист.

       

Пауза во црквата, нема никој од домаќините да не пречека. Договор падна, групата се подели на три дела. Првите одеа по планинарската патека, вторите со велосипеди по калливиот терен, а трети решија да останат и да одморат на убавото и топло сонце. Час и пет минути беа потребни да се стигне до „паркингот за велосипеди’ веднаш над водопадот. Доколку патот беше сув и прооден, времето за пристигнување  до водопадот би бил далеку помало. Вака, по многу кал, замрзната вода ( стравот да ги скинеме гумите беше константен) и постојано возење по лизгав терен, како-така стасавме. Од таму, по многу тежок терен се симнувате до водопадот. Сета мака и нервоза која ја имате во текот на спуштањето на тој вертикален слободен пад ја снемува во моментот кога пред вас се појавува водопадот. Восхитувачки, но истовремено и тажно поради недостигот на вода. Да, иако периодот треба да блика од вода на сите страни, сепак глобалната промена на климата изгледа допрва ке си го покажува своето лице. Како и да е, 15-на минути скоро и без никаков разговор потрошивме во нашата директна „конекција“ со еден од многубројните Македонски бисери.

        

Во бројки напишано, за да стасате до водопадот, потребно е да поминете 17км од Демир Капија ( преку онаа велосипедска патека преку двете реки). Вкупно за комплетна тура ние извртевме 33,18 км со вкупна елевација од 799м. Мерено по тежина оваа тура влегува во средни тури по наша слободна проценка во тежина од 6/10.

Инаку, чисто како за Географска читанка, иако скоро и да не најдов доволно податоци ( неразбирливо) да напишеме неколку реченици и за самиот водопад. Копришки водопад е на 686мнв во неговиот долен дел, по слободна проценка е висок некаде 25-40 метри. Водите на овој водопад се во сопственост на река Дошница, десна притока на река Бошава истата која ја поминавме на почетокот на оваа тура. Извира под врвовите на Кожуф, Зелен Брег и е со должина од 38,5км. Дошница се смета и како Македонски Ел Дорадо, односно постојат преданија дека порано била богата со злато и тука постојано се среќавале трагачи на богатството.

Водопадот ја крие легендата за убавицата

“Млада, стројна и многу вредна мома, по цел ден работела во бавчите наоколу, а на пладне во најголемата горештина се разладувала во оваа вода. Според убавата мома, реката во демиркапиското село Kопришница го добила името Моминска, а водопадот Момински. И реката и водопадот се убави како што била убава момата од легендата што се раскажува. Водата паѓа од височина од неколку десетици метри и нуди неповторливо доживување за сите сетила.”

– Момата ја нема, местото е во легендата.

Ок, поминува и водопадот, се собираме повторно во црквата Св.Ѓорѓија и спремни за спуст. Некој споро, некој брзо, некој прелетува… Како што рече еден од нас „ па нели заслуживме за по едно пиво?“ се собравме на по едно заслужено пиво, онака како што правиме скоро на секоја наша мтб авантура.

До следно возење, до следна тура, до следна инспирација за нова Македонска мтб приказна…

#bikingveles #ВелесБајкинг #СККлисура #ДемирКапија

#MacedonianMountbikeStory

#МакедонскаМтбПриказна

                 

879total visits,4visits today

You may also like...